САД: Да се истражат нападите и да ги повикаат на одговорност оние кои ги извршиле
Амбасадорката на САД во ОБСЕ, Кејт Брнс денеска повтори дека САД oстро ги осудуваат нападите врз пратениците и останатите, и дека се подготвени да работат со новиот собраниски претседател Талат Џафери.
Вели дека за насилството нема место во демократскиот процес.
„Изразуваме најдлабоко сочувство до оние членови на Парламентот и други кои беа повредени во нападот и нивните семејства. САД ги повикува властите на Република Македонија да се преземат чекори за да се осигура безбедноста на сите членови на Парламентот, да ги истражат нападите темелно, и да ги повикаат на одговорност оние кои ги извршиле, организирале, или наредиле актите на насилство“ - вели Брнс, цитирана од сајтот на американската мисија во ОБСЕ.
Се наведува дека како стратешки партнер и пријател на Македонија, како и со целосно почитување на суверенитетот и унитарноста, САД ги повикува сите страни да ги стават интересите на Македонија и нејзините граѓани над сè друго, да работат конструктивно, и за целосно спроведување на сите обврски од Договорот во Пржино.
„Ги повикуваме сите страни да најдат решение на несогласувањата на мирен начин и да ги почитуваат законите и демократските процеси во Македонија“ - додаваат оттаму.
Решавањето на политичката криза може да дојде само преку почитување на законите и почитување на волјата на македонскиот народ, слободно изразена преку демократски процеси, вклучувајќи и врз основа на резултатите од изборите во декември 2016 година, кои беа прифатени од страна на сите страни, смета амбасадорката на САД во ОБСЕ.
