Ryanair предупредува: Грешка што патниците може да ги чини и до 160 евра
Патниците кои летаат со Ryanair се предупредени на една од најскапите, но чести грешки – погрешно внесено име при резервација на авионски билет, што може да ги чини и до 160 евра.
Станува збор за пропуст кој често се случува поради брзање, мали тастатури на мобилни телефони или невнимание при внесување на податоците. Иако изгледа безначајно, оваа грешка може да доведе до сериозни дополнителни трошоци.
Според правилата на авиокомпанијата, промената на име спаѓа меѓу најскапите услуги. Освен надомест од околу 100 евра за пропуштен лет, корекцијата на податоците може да достигне значително повисоки суми.
Ryanair дозволува бесплатни исправки, но под строго утврдени услови. Патниците можат без надомест да направат корекција на име или презиме во рок од 48 часа по резервацијата, како и да поправат до три букви во името – исто така во рок од 48 часа пред летот.
По истекот на овој рок, трошоците значително растат. Доколку грешката се забележи подоцна, промената на име може да чини околу 115 евра, а ако се прави преку посредник или на аеродром, сумата може да достигне и до 160 евра.
Нискобуџетниот превозник е познат по строгите правила и наплатата за секое отстапување, дури и кога станува збор за мали печатни грешки. Затоа се препорачува внимателна проверка на сите податоци веднаш по купувањето на билетот.
Важно е името на билетот целосно да се совпаѓа со она во пасошот, во спротивно патникот може да биде одбиен за качување во авионот.
Во одредени ситуации, ако рокот за бесплатна промена е поминат, може да биде поисплатливо да се купи нов билет наместо да се плати висока такса за измена. Затоа експертите советуваат да се спореди цената на нов билет со трошокот за промена.
Постојат и исклучоци кога измените не се наплатуваат. На пример, ако патникот го сменил презимето поради брак, компанијата дозволува бесплатна корекција со приложување соодветен доказ, како што е венчален лист.
Б92