Рустеми откако загинаа четворица на скопската обиколница: Никогаш не сум спровел тендер за набавка на заштитни огради
Ејуп Рустеми, поранешниот директор на јавното претпријатие „Државни патишта“, демантира дека во негово време биле набавени заштитни огради со сомнителен квалитет, поради кои пред еден месец камион со возач од Косово проби банкина кај скопската обиколница и усмрти четворица патници, меѓу кои троица на 20-годишна возраст.
По оваа трагедија експерти реагираа дека заштитната ограда требало да го поднесе пробивањето на камионот од спротивната насока, а од владејачката коалиција ВЛЕН вчера го обвинија Рустеми дека набавил заштитни огради од српска, наместо од европска фирма.
„Тврдењата што се презентирани се целосно невистинити, неосновани и не се засновани на никаков факт или официјален документ. Вистината е дека во периодот додека ја извршувам функцијата директор на ЈПДП, не е спроведена никаква тендерска постапка за набавка на заштитни огради од страна на ова претпријатие. Немало никаков тендер во рамките на ЈП каде што која било компанија можела да биде фаворизирана, исклучена или дискриминирана. Никогаш немало тендерска постапка во надлежност на институцијата што ја водам, не може да има никакво влијание, никаков притисок, никаква одговорност од моја страна“, рече Ејуп Рустеми.
Додека ВЛЕН покренува дилеми за досегашната неактивност на Обвинителството, барајќи од обвинителот Ислам Абази да преземе конкретни чекори за разјаснување на случајот, експонентот на опозициската ДУИ ги повика претставниците на ВЛЕН, доколку поседуваат барем еден доказ што ги поддржува нивните тврдења, да го презентираат пред надлежните институции и пред јавното мислење. Напротив, Рустеми рече дека очекува тие да покажат политичка и морална одговорност, да се повлечат од овие тврдења и јавно да им се извинат на граѓаните и нему лично за ширењето неточни информации.
