Економија, финансии, бизнис

Контакт

Русковска до Ченто: Актуелната власт не ви го исполни предизборното ветување

Русковска до Ченто: Актуелната власт не ви го исполни предизборното ветување

Поранешната обвинителка Вилма Русковска се огласи откако Јане Ченто, осудениот за упадот во Собрание на 27 април 2017, најави дека ќе и поднесе кривична пријава и му порача дека актуелната власт му ги зголемила апетитите но не го испорачала предизборното ветување.

- Ова е според мене, замајување на јавност бидејќи едно од предизборните ветувања на сегашната влада беше дека ќе ги ослободат обвинетите од 27 април. И сега се поставува прашањето зошто кривичната пријава само против мене, а судот ја носи пресудата. Па кај е обвинителот или обвинителката, не знам кој постапувал, пред Апелациониот суд во второстепена постапка и судиите таму. Каде е обвинителот или обвинителката пред врховниот суд. Ова е свртување на внимание мислам од она предизборното ветување на ВМРО – ДПМНЕ кое не го исполнија. Мајка ми била во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава од мене. Па како може да си даде за право дека тој ја сака повеќе оваа држава, па моите родители крвареле за оваа држава. Кој му дава за право дека тој ја сака оваа држава повеќе од мене – вели Русковска за најавената пријава.

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција категорично ги отфрли обвинувањата дека станувало збор за монтиран процес, прикривање докази или постапување по политички диктат. Според неа, предметот бил воден врз основа на цврсти материјални докази, а пресудата била потврдена и од Апелациониот и од Врховниот суд. Таа потсети дека настаните од 27 април беа документирани со бројни видеоматеријали и дека, како што рече, „целиот свет ги виде доказите“. На шпекулациите дека би можеле да се појават нови докази за повторување на постапката, Русковска одговори дека тешко може да се замисли доказ кој би го оповргнал она што веќе јавно било видено.

На денешната прес-конференција, Јане Ченто соопшти дека поднесува кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В.Р., за кривични дела попречување на правдата по член 368-а и злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.

Тој истакна дека до Јавното обвинителство се доставени докази поврзани со случајот „27 април“, за кои тврди дека сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој била водена истрагата и судската постапка.

Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во постапката, како и контакти меѓу членови на семејства на функционери и сведок, со можни договори со обвинителството“, изјави Ченто.


Слично

Поврзани вести