Рускоска по истрагата против Вељаноски, Јанакиески и Ристовски: Законот за амнестија не важи за организатори
Шефицата на обвинителството за организиран криминал, Вилма Рускоска, денеска на заедничклата прес-конференција со главниот јавен обвинител Љубомир Јовевски истакна дека Законот за амнестија донесен во Собранието специјално за настаните од 27 април нема да ги опфати Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.
- Не сметам дека Законот за амнестија би бил било каква пречка. Таму стриктно е наведено дека Законот за амнестија не важи за организаторите - рече Рускоска.
По вчерашниот распит, на поранешните министри Јанакиески и Ристовски им одреди 30 дневен притвор, додека екс-претседателот на Собранието, пратеникот Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, кој може уште денеска да му биде симнат со гласање во законодавниот дом по поднесеното барање од судот.
По изјавите на сведоците и собраните материјални докази тројцата се осомничени дека заедно преку еден центар го координирале упадот во Собранието и нападот на пратениците. Вељаноски е осомничен за тероризам заедно со екс-премиерот Никола Груевски затоа што не дозволувал да се формира нова влада.
