РТС: Алкалоид донира 90 илјади евра за пациентите на дијализа во Србија
Компанијата „Алкалоид Белград“ му донираше на Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ Батут“, материјал за дијализа во вкупна вредност 10.483.600 српски динари што е околу 90 илјади евра или 5,5 милиони денари.
Во соопштението од компанијата стои дека целта на оваа донација е да се придонесе за подобрување на специфичните работни услови на здравствените работници во нивната благородна мисија во услови на пандемија, како и да се олесни третманот на пациенти со дијализа во Република Србија, објави РТС.
Донираниот материјал за дијализа впрочем е дел од потребната опрема на оваа здравствена институција и е дел од Планот на здравствените установи во Република Србија.
„Водени од приниципите на корпоративна и општествена одговорност, од почетокот на годината, Алкалоид донираше над 300.000 евра на здравствените установи и здруженија во Македонија и регионот по разни основи. Средствата се за набавка на реагенси, лекови, средства за хигиена и за слични намени, стои во соопштението.
Покрај донациите во Македонија и Србија, од почетокот на април годинава, Алкалоид донираше и во Бугарија, Босна и Херцеговина и во Хрватска.
„Во време кога сите светски економии се оставени сами на себе да се борат да ги ублажат ефектите од новата економска криза, кога загубите на работните места се неизбежна сурова реалност, кога логистичките нарушувања ја добиваат битката за пласман на производи, постојат неколку компании кои можат да ги надминат овие предизвици и да помогнат. Ние сме свесни за состојбата во која се наоѓаат здравствените системи во услови на пандемија и напорите што ги прават здравствените работници за зачувување на здравјето и животот на луѓето. Како компанија чиј слоган е „Здравјето пред се“ во оваа прилика сакаме да дадеме посебна чест на медицинските сестри, здравствените работници, хигиеничари, продавачите на пазари, во супермаркети, фармацевти и техничари во аптеките, транспортерите, пекарите и сите оние кои ги ризикуваат своите животи за наше непречено функционирање “, рече Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“.

Почетоците на „Алкалоид“ во Србија датираат од 1950 година, а според српските фармацевти, лековите на Алкалоид никогаш не излегле од жолтите книги за регистар на лекови што доволно зборува за традицијата на компанијата на овој пазар.
Србија е најголемиот извозен пазар на „Алкалоид Скопје“ и единственото место надвор од границите на Северна Македонија каде компанијата има своја компанија за производство и трговија на големо, во која работат 133 работници.
Програмата за производство на компанијата „Алкалоид Белград“ опфаќа 62 регистрирани производи чиј годишен обем на производство надминува 6.000.000 пакувања, а вкупното портфолио на производи што може да се најдат на српскиот пазар е повеќе од 200. Во палетата има многу производи меѓу кои и најпознатиот бренд „Бекутан“.
Фото РТС