РОЗИ, ПЕТУНИИ, БЕГОНИИ: Како стоиме со хортикултурното уредување на градовите?
Граѓаните се
сведоци дека хортикултурното уредување на градовите не е на завидно ниво и
истото треба да се подобри, посебно ако станува збор за главниот град или за
туристичките места.
На јавните површини често среќавме петунии, рози во различни бои, бегонии и други видови на цвеќе, но нив можеме да ги затекнеме исушени. Во многу градови ретко се формираат нови зелени површини кои би имале нови сорти цвеќе и кои ќе го освежат ликот на одредена општина.
„Треба да се подобри хортикултурата. Кај нас фали навика за одржување, односно тие што ги купуваат, општините, да се грижат за цвеќињата, а не да ги засадуваат и да ги оставаат сами на себе. Не ги потхрануваат, не ги прскаат. Најевтините цвеќиња ги има на јавните површини, како петунии, ситна бегонија, оние што се продаваат 3 за 100 денари, тие ги купуваат. Треба нега. Ако се директно во земја, поретко треба да ги наводнуваат, а ако се во саксија, почесто. Имам гледано во Турција, нив не им се уредени само градовите, туку и влезовите на градовите. Со фигури од цвеќиња, многу убаво изгледа. Повеќегодишно дрвце не може да се засади на мал простор, на мал простор се садат сезонски цвеќиња. На кеј може дрвца, што не мрзнат, а малите паркови мора да имаат сезонско цвеќе“, велат од расадник Славеви од Градско, кои се занимаваат со производство на цвеќе.
Од расадниците објаснуваат дека се случува и да донираат цвеќе за општините. Луѓето кои произведуваат цвеќе, велат дека не треба со години градовите да имаат идентично хортикултурно уредување. Според нив, стручни лица со ентузијазам и желба за работа треба да се погрижат да имаме поуредени и цветни градови. Просторот може да се збогати не само со цвеќе, туку и со украсни грмушки. Кога патувале во странство, забележале дека таму повеќе внимание се посветува на зеленилото и цвеќето.
„Не ги одржуваат соодветно цвеќињата. Треба да се подобри уредувањето на јавните површини, и цвеќе и дрвца да бидат засадени, листопадни и зимзелени. Петунијата џабе ја садат, таа не успеав на жешко. Прават грешки, доцна ги садат. Треба порано садење за нив. Да се следат трендови, што се сади по Европа, кои сорти се садат. Нормално дека треба да се угледаме на подобрите од нас. Во Барселона е средено, во Словенија многу градови се уредени, Истанбул исто, градовите во Италија. Мора да има промени. Нови сорти, да се измеша со камен, да има декорација, да не се копира секоја година, да се одржува“, додаваат од расадникот Гарден центар Ристови од Струмица.
Лисе во Холандија важи за еден од најцветните градови во светот. Места во Франција, Италија, Јапонија, Тајланд се пофалени поради прекрасните цветни полиња кои се рај за очи.
Сања Атанасовска