Росоклија вели дека за донираните мозоци имало дозвола од семејствата
Македонија била инволвирана во Епстин документите поради линкот кој го отворил Епстин за да тој донира во научни истражувања во државата. Тоа било грант за истражувачка дејност склучен во 1996 година меѓу Универзитетот Колумбија и македонските медицински експерти, како и со Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Психијатриската клиника.
Ова го тврди професорот Горазд Росоклија кој воедно е и специјалист по Неврологија, невропатологија и психијатрија кој завршил на Медицинскиот факултет во Скопје и долго време работи на Универзитетот Колумбија во Њујорк.
- За спроведување на овие проекти беа формирани етичките комитети на Медицинскиот факултет во Скопје и на МАНУ. Идејата за формирање на т.н. колекција на ткива (не банка на органи) на судска медицина, како услов за праќање на специјализанти од Македонија на универзитетот Колумбија во САД беше веднаш прифатена од професорот Дума, како директор на Институтот за судска медицина, по што веднаш беше спроведен тој мост преку професорот Росоклија. За да се спроведе сето ова, неопходно беше пропишување на одредена процедура, како и согласност од роднините на починатите пациенти за употреба на мозочните ткива исклучиво во научни цели и во лаборатории и во странство. Не се работи за никаков извоз на мозоци во САД, појаснува Росоклија, секој специјализант што доаѓаше во Колумбија си го носеше потребниот материјал како личен багаж, во соодветни услови, по што почнуваше неговото истражување. „Таа согласност беше земана од членовите на тој Етички комитет, меѓу кои имаше и психолози и психијатри, кои детално им објаснуваа на роднините за што се работи, по што беше добивана таа согласност. Без завршена цела процедура, такви испитувања едноставно ќе беше невозможно да се спроведат на Колумбија“, вели Росоклија. Инаку за овие проекти кои траеја повеќе од 10 години беа добивани и грантови за невропатологија и психијатрија. Целата работа заврши во 2015 година. Од документите што американското Министерство за правда ги објави, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин, може да се види дека се работи имејл порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“ во која се пренесува новинарско истражување на „Блумберг бизнисвик“ од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет. Претпоставка е дека по оваа имејл порака следувало барање за спонзорство на овие научни истражувања.
Тој дополнително објасни дека преку проектот биле отворени вратите на научниот свет на многу вработени што за Македонија било огромен чекор.
