Економија, финансии, бизнис

Контакт

Рон Џонсон: Ги охрабрувам сите Македонци да излезат да гласаат на референдумот

Рон Џонсон: Ги охрабрувам сите Македонци да излезат да гласаат на референдумот

Американскиот сенатор,  Рон Џонсон ги повика сите македонски граѓани да излезат да гласаат на референдумот на 30 септември, затоа што Договорот од Преспа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО. 

Џонсон утринава имаше средба со премиерот Зоран Заев во Владата, во неколку наврати повтори колку е важно граѓаните, без разлика дали го поддржуваат договорот или не, да излезат да гласаат и да кажат што мислат за решението на спорот за името што го договорија нашиот и грчкиот премиер, Алексис Ципрас.

Според него, исклучително важно е за Македонија и Грција да го решат спорот за името.

„Ние сигурно сакаме да го поддржиме решението на овој проблем и тоа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО. Би сакал Македонија да стане 30. членка на НАТО. Тоа е многу важно за НАТО и за безбедноста на балканскиот регионот и на Македонија. Ги охрабрувам сите Македонци да излезат да гласаат на референдумот, без разлика дали се согласуваат или не со договорот, мора да излезете да гласате и да им покажете на вашите лидери што чувствувате. Неверојатно важно е да излезете да гласате“- изјави Џонсон.

За Заев и Ципрас рече дека биле храбри лидери. 

Минатиот месец, тој во Сенатот предложи резолуција за поддршка на Договорот од Преспа.

Џонсон по средбата со Заев во Владата предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џонсон, кој е претседавач на сенатската Комисија за државна безбедност, ќе ги посети и Србија и Косово.

Сенаторот Џонсон е еден од високо рангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, задолжен за специјални мисии. Воедно, тој е и претседавач со Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка.

Републиканскиот сенатор од Висконсин, последен пат престојуваше во регионот во февруари, кога ги посети Белград и Приштина.

Џонсон во своите јавни настапи се залага за поголем ангажман на Вашингтон на Балканот и за интеграција на земјите од регонот во ЕУ и НАТО.

Слични пораки од Скопје деновиве упатија австрискиот канцелар, Себастијан Курц и германската канцеларка, Ангела Меркел. 

Слично

Поврзани вести