Романски турист пронајден по ноќна потрага кај Матка, спасувачите до него стигнале преку „Јасен“
Романски државјанин кој се изгубил во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, е успешно пронајден по координирана ноќна акција на повеќе институции.
Случајот бил пријавен вчера во 21:55 часот преку Единствениот број за итни случаи 112, кога странскиот државјанин се јавил и информирал дека се изгубил во подрачјето на Општина Сарај.
По добиената пријава, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш ги известил Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст. Преку постојана комуникација со лицето, операторите успеале да ја утврдат неговата приближна локација со помош на координати и информации од телефонскиот повик.
Поради темнината, тешко пристапниот терен и состојбата на дезориентираност, на лицето му било укажано да остане на местото каде што се наоѓа, што овозможило спасувачките екипи полесно да го лоцираат.
МВР веднаш организирало теренска потрага, а поради непристапноста на местото од страната на Матка, спасувачките тимови пристапиле преку Националниот парк „Јасен“.
Во акцијата со теренско возило се вклучил и директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Романскиот државјанин бил пронајден во 3:45 часот по полноќ. Иако бил видно вознемирен и дезориентиран, според информациите од ЦУК, бил во стабилна здравствена состојба.
По пронаоѓањето, лицето било пренесено во Полициската станица Сарај, каде што МВР продолжува со постапувањето согласно своите надлежности, со оглед дека станува збор за странски државјанин.
