Романија закупи билборд во Градскиот парк во Скопје за да го „поткупи“ исландскиот селектор
Спонзорот на Фудбалската федерација на Романија закупи билборд во Градскиот парк во Скопје, каде вечерва на арената „Тодор Проески“ ќе се игра фудбалскиот меч Македонија - Исланд, со цел да го потсети исландскиот селектор Арнар Видарсон на она што го ветил.
„Драг Арнар Видарсон, пивото е спремно”., пишува на паното, а според медиумите од Романија,тој ќе добие пиво за една година.
Исландскиот селектор на Романците им вети дека ќе го дадат максимумот во Скопје и ако неговите избраници не загубат од Македонија ќе се врати во Романија да се напие пиво.
Исланд, кој нема никакви шанси за понатамошен пласман, со ремито во Букурешт ни направи услуга и сега ние, наместо Романците, сме на второто место кое води во понатамошната плеј-оф фаза за пласман на Светското првенство, но за тоа во последното коло денеска треба да ги победиме „Рибарите“.
