Рокас предупреди дека неисполнувањето на реформите може да доведе до губење на пари
Maкедонија работи на десет критични точки, кои се обемни, а една од нив е реформата на Изборниот законик. Ова го изјави денеска министерот за европски прашања Беким Сали, кој одговараше на новинарско прашање дали е пристигнат извештајот на Европската комисија за 2025 година.
„Една од специфичните точки е Изборниот законик, кој бара поголем, поширок консензус, не можеме тоа да го направиме преку ден, само за да го исполниме тој чекор затоа што износот што го споменуваме е осум милиони евра за секој чекор. Меѓутоа, дали финансискиот дел е главниот мотив или, пак, исполнувањето на тој чекор, со цел функционирање на системот, е наша цел. Сметам дека како политичари треба да мислиме на идните процеси. Секако, и финансискиот дел е една инфузија за нашиот финансиски систем. Меѓутоа, ние како политичари треба да преземеме одговорност за иднината на државата и тука изборите ни се многу битен фактор“, изјави Сали.
Тој додаде дека извештајот од Европската комисија не е пристигнат, но би требало во текот на оваа недела да го добие Владата. Тој посочи дека македонската јавност знае дека тој извештај е позитивен и 16 до 21 точка се прифатени.
„Предупредувањето на комесарката Марта Кос и на европатеникот Томас Вајц се однесуваат на најави за идниот период, односно за овој период до јуни за кој имаме два месеца и сметам дека критични се 10-ина точки. Значи, тоа се критични точки, кои се во грејс-период, не се зборува за другите, кои се тековни точки, чекори, кои треба да ги реализираме. Работиме на сите сфери, значи на грејс-периодот и на редовниот период, кој треба да го исполниме. Сметам дека нивната најава, предупредување, е превентивен знак за нашата држава, треба да работиме понапорно“, рече Сали.
Евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека има уште 10 чекори што треба земјава да ги исполни до јуни, кои, како што рече, се во рамките на грејс периодот.
„Ова е системот по кој што функционира реформската агенда, и доколку периодот помине, а тие не се исполнат, тогаш парите се губат. Владата и министерствата што се засегнати со овие 10 чекори работат напорно да ги исполнат. На тоа се однесуваше предупредувањето, и такво предупредување не беше испратено само кон Северна Македонија туку и до другите земји кандидати што ги исполнуваат нивните реформски агенди. Значи, во тек е напорна работа, не можам да давам предвидувања, ќе треба да почекаме до крајот на јуни за да го видиме исходот“, изјави Рокас.
Рокас додаде дека во тек е извештајниот период за чекорите што треба да се исполнат до јуни 2026 година.
фото Влада