Економија, финансии, бизнис

Контакт

Рокас: Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата

Рокас: Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата

Евроамбасадорот Михалис Рокас го презентирaше во Владата извештајот на Европската Комисија(ЕК) за напредокот на Македонија и повика на забрзани реформи, уставни измени и обединета Европа.

„Се соочуваме со геополитички пејзаж кој брзо се менува, и само со обединување на Европа ќе обезбедиме и мир и просперитет на континентот“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на прес-конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Владата.

Рокас истакна дека сега е време да се искористи шансата за забрзување на реформите и нивно поодлучно спроведување.

„Постигнат е одреден напредок, но се потврдува потребата за поголема посветеност од целиот политички спектар. Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата – што се темел за довербата на граѓаните и за европската иднина на државата“, рече Рокас.

Тој потенцираше дека треба да се измени Кривичниот законик во согласност со препораките, да се надминат политичките поделби и да се забрзаат реформите. 

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата порача дека Владата останува целосно посветена на европскиот пат и на реформите кои ја прават државата посилна, пофункционална и поправедна. 

„Ќе ги адресираме сите области каде што е забележан застој, со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност. Нашата цел е полноправно членство во рамките на Европската Унија“, рече Мицкоски.

Во извештајот има забелешки за економијата, судството, борбата со корупцијата, пазарот на трудот и слично. 

фото принтскрин

Слично

Поврзани вести