Родителите треба да бидат модел на правилно користење на социјални мрежи: Комуниколог Бојан Кордалов и дефектолог Теа Томовска
Додека социјалните мрежи со години се сметаат за составен дел од детското и тинејџерското секојдневие, сè повеќе држави воведуваат строги ограничувања за нивно користење од страна на најмладите. Австралија стана првата земја што законски им забрани на децата под 16 години да имаат профили на социјални мрежи, обврзувајќи ги платформите да воведат системи за проверка на возраст и предвидувајќи високи казни за непочитување на правилата. Во Европа, Франција оди чекор понатаму со иницијатива за целосна забрана на социјалните мрежи за деца под 15 години, со образложение дека дигиталните платформи носат сериозни ризици за менталното здравје, развојот и безбедноста на младите.
Слични решенија или предлози се разгледуваат и во Данска, Норвешка, Обединетото Кралство и на ниво на Европската Унија, што ја отвора дилемата – дали забраните се вистинскиот одговор на предизвиците што ги носи дигиталното детство.
За тоа каде е границата меѓу заштитата и ограничувањето, и какви последици може да имаат ваквите мерки, разговаравме со комуникологот Бојан Кордалов и дефектологот Теа Томовска.
„Можеме да редиме неброено, од кражба на податоци, преку наведувачко влијание, предаторство, сајбер насилство, омаловажување итн. Листата е неисцрпна за жал, но одговорот како ризиците да се редуцираат е единствен: превенција, едукација и комуникација со децата, истовремено проследени со ефикасни мерки на институциите, казни секаде каде се прекршува законот, како и следење и спроведување на усогласените европските регулативи и пракси“, вели комуникологот Кордалов.

Влијанието на социјалните мрежи од психолошки аспект е уште подлабоко. Дефектологот Теа Томовска вели дека психолошките последици можат да бидат трајни, доколку навремено не се забележат.
„Најчесто се среќаваат зголемена анксиозност, ниска самодоверба, тешкотии со концентрација и внимание, постојана споредба со другите, потешкотии во делот на исхраната (анорексија). Кај дел од младите се забележува емоционална празнина, повлекување во себе и потешкотии во реалната комуникација“.

Прашањето дали законските забрани навистина можат да го решат проблемот со прекумерното користење на социјалните мрежи кај децата останува отворено. Кордалив нагласува:
„Забраните во секоја сфера можат да бидат ефикасни единствено ако наидуваат на поддршка кај мнозинството на кои се однесуваат, ако можат целосно да се спроведат и ако се понудат алтернатива на она што се забранува. Ако зборуваме за забрани за социјални медиуми за деца до одредена возраст, треба да бидеме свесни дека за да успее таа мерка, се бара целосна вклученост на родителите во спроведувањето на истата. Државите и институциите не можат сами да спроведат вакви мерки и забрани, едноставно улогата на родителите, па и наставниците и професорите ќе биде клучна дали ќе се успее во мерката или не“.
По примерот на Франција и Австралија, се отвора прашањето дали ваков модел би можел да функционира и кај нас. Кордалов вели дека регилацијата е најлесно да се донесе, но сето тоа треба да биде поткрепено со разговор за проблемите и предизвиците.
„Впрочем дел од нашите соседни земји такви мерки направија уште минатата година со една социјална мрежа, па од денешна перспектива може јасно да ги погледнеме резултатите. Сметам дека општествата мора отворено да разговараат и комуницираат за сите предизвици и проблеми, особено кога станува збор за заштита на децата и нивниот идентитет и развој. Македонското и балканските општества, за жал, не негуваат традиција на ваков систем на комуникација и инклузивност, па оттука не сум сигурен дека било која мерка со забрани, прво, реално целосно би се спровела и второ, би дала ефект или можеби повеќе контраефект“.
Родителите играат клучна улога во справувањето со дигиталните предизвици, но дали постои доволна свесност за ефектите што дигиталната средина ги има врз менталното здравје на најмладите.
„Не случајно со години наназад истакнувам дека наместо паушални критики за родителите, потребно е секој од нас, особено институциите, да им дадат признание и поддршка. Денес, да се биде родител бара многу повеќе напори и одговорност од порано. Едноставно, денешните родители ги имаат истите одговорности и обврски кон своите деца како и нивните родители, но дополнително треба да изведат цели генерации на деца и млади на сигурниот и вистинскиот пат и во дигиталниот свет. Мислам дека ова е реалноста која мора несебично и објективно да се препознае и која заслужува поддршка и придонес од надлежните институции преку мерки и активности кои директно ќе бидат од полза на родителите во оваа мошне одговорна задача“.
Покрај родителите, потребна е и законска рамка која навремено ќе ги препознава злоупотребите во дигиталниот свет.
„Има зголемена потреба од сериозно разгледување и воведување на дополнителни законски механизми кои директно и посебно ќе ги препознаваат и признаваат злоупотребите направени врз децата во дигиталниот свет. Повторувам, за ова сметам дека најдобро решение е постојано да се следи и применува во македонското законодавство сѐ што е донесено и усогласено како легислатива или пракса на ниво на ЕУ“.
Наместо исклучиво забрани, фокусот, според Кордалов, мора да биде на дигиталната едукација и медиумската писменост.
„Нема алтернатива на описменувањето и стекнувањето нови вештини. Токму затоа, медиумската и дигиталната писменост се темел на превенцијата и мора да бидат присутни уште од најрана возраст. Најмногу со фокусирање на животните потреби и лекции за децата, наспроти образование базирано на оценката како бројка. Но, за ова да стане реалност потребно е надлежните централни институции како Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието брзо да се прилагодуваат на новите дигитални текови и оттука да градат применливи стратегии во образованието кои понатаму ќе се погрижат да бидат спроведени во секоја образовна институција“.
Одговорното користење на социјалните мрежи, според Кордалов, подразбира:
„Секое користење прилагодено на соодветната нивна возраст, што означува и таков тип на содржини. Но, истовремено, да се обезбеди и правна рамка која ги охрабрува да бидат активни дигитални жители, но и свесни за последиците кои можат да ги предизвикаат со несоодветното постапување и како да се заштитуваат онлајн. Секако, сѐ ова е потребно да биде изготвено и комуницирано на соодветен јазик за секоја возраст“.
Психолошките последици од користењето на социјалните мрежи кај децата се видливи во секојдневниот живот.
„Постојаното пребарување и користење на социјалните мрежи може да ги оддалечи младите од реалноста, менувајќи го нивниот однос кон себе и околината и водејќи ги да живеат во сопствена виртуелност“.
Во дигиталниот свет на младите, лајковите, следбениците и коментарите повеќе не се само статистика, туку мерка за лична вредност.
„Виртуелната валидација има силно влијание, особено во адолесценцијата. Лајковите и коментарите стануваат мерка за лична вредност што ја прави емоционалната и физичката состојба зависна од надворешно одобрување. Кога таа валидација се губи, се јавуваат фрустрација, несигурност, намалена самодоверба“.
И дефектологот Томовска се согласува со тоа дека родителите, се клучни во поставувањето граници и правилното водење на дигиталниот живот на децата.
„Првенствено родителите треба да бидат модел на правилно користење на социјални мрежи. Границите се поставуваат со доследност, флексибилност од кој ќе произлезе доверба наместо отпор. Значаен и многу важен е и отворен разговор“.
Во услови на сеопфатна дигитализација, Македонија треба да размислува за системски пристап кон заштита и едукација на младите, вели дефектолог Теа Томовска.
„Законските решенија може да бидат дел од тоа, но клучот е во превенцијата и развојот на емоционална писменост кај младите. Емоционалната банка започнува да се гради и полни кај децата додека се мали“, заклучува Томовска.
Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива/ Freepik.com
