РОДИТЕЛИТЕ СЕ РАСТРЧАА ДА ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА СО ДИ-ТЕ-ПЕР: „На градинките има известувања, нема да ги примаат“
Од вчера попладне
родителите чии деца престојуваат во градинка добија пораки, а истите
известувања стојат и на вратите на претшколските установи во Скопје.
„Почитувани родители, заради ажурирање на податоците во досието на детето за вакциналниот статус на вашето дете, Ве молиме да ни доставите нова копија од Здравствената книшка каде се заведени досега примените вакцини или копија од Картон за имунизација на вашето дете“.
Ова е порака, како што велат самите родители дека мора да ги вакцинираат нивните деца против пертусис или голема кашлица, тешко заразно заболување за кое Комисијата за заразни болести веќе даде препорака за прогласување епидемија, а министерот за здравство, Фатмир Меџити го потпиша документот.
-Веднаш штом ја добив пораката од градинката го земав синчето и го носам на вакцина. Нема да ми го примат утре. Инаку, редовно ги прима сите вакцини, но за оваа немавме среќа, често се разболува. Никако да го погодиме терминот. Откако ќе ја прими, ќе направам фотокопија од здравствената книшка и ќе доставам во градинката, вели Марија К од Скопје.
Во текот на вчерашниот ден, забележителен беше бројот на родители со нивните деца на возраст од три, четири, па и пет години кои чекаа на вакциналните пунктови во Здравствен дом-Скопје за ревакцинација на ДиТеПер. Според медицинскиот кадар, станува збор за деца кои примиле барем една доза, но од низа причини, најчесто болест, не успеале редовно да ја завршат вакцинацијата.
Здравствените власти веруваат дека прогласувањето на епидемија од голема кашлица во главниот град ќе придонесе да се зголеми опфатот со вакцината Ди-Те-Пер кој изнесува само 66 проценти и далеку под потребната граница од 95 отсто.
Истовремено, и министерот за труд и социјална политика во техничката влада, Ѓоко Велковски, изјави дека инспекциски служби ќе проверуваат во градинките каде што нема вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината и ќе интервенираат за да се спречи епидемија на голема кашлица.
– Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и тие треба да бидат одобрени на владина седница. И во Закон стои дека секое дете што нема примено одредена вакцина не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме за тоа да биде практика и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје како жариште во овој момент, истакна Велковски.
Инаку, бројот на заразени со голема кашлица се зголемува, бројката до денеска утринава остана 22, а најголемиот број се во Скопје. Болеста е крајно сериозна, трае повеќе од три месеци, предизвикува тешки компликации особено кај доенчињата кои не се вакцинирани.
Анита Буховски
