РОДИТЕЛИТЕ НА ЖРТВИТЕ ВО „ПУЛС“ РЕАГИРААТ ЗА УСЛОВНИТЕ КАЗНИ: Нема да молчиме и нема да прифатиме ваква „правда“
Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ се јавија со реакција по пресудата за полицајците.
Велат дека за злоупотреба на службена должност, законот предвидува до 10 години затвор, а денес имаме условни казни – и тоа за утврдена злоупотреба во систем што со години дозволувал незаконитости, чие непостапување создало услови за трагедија со 63 изгубени животи и над 200 повредени.
„Закон vs реалност: Законот предвидува затвор (6 месеци до 3 години, до 5 години, или најмалку 3 години – во пракса до 10 години), а во конкретниот случај, и покрај утврдената вина, изречена е условна казна, без ефективен затвор. Овој драстичен несразмер меѓу вина и последици не е случаен – тоа е минимизирање на одговорноста и јасен сигнал дека системот се штити сам себе, наместо да се соочи со сопствените пропусти. Ова не е правда. Ова е формалност. Очекуваме повисоките судови да ја преиспитаат пресудата и да обезбедат одговорност што ќе биде во согласност со тежината на последиците. Нема да молчиме и нема да прифатиме ваква „правда“. Бараме одговорност без компромис – за сите што со своето постапување или непостапување придонеле до вакви последици. Без тоа – правдата останува само збор“, се вели во соопштението.

Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба сите тројцата полицајци од Кочани и на Кире Богатинов и Горан Лазаров им изрече условна казна затвор од една година, а на командирот на ПС Кочани Александар Темелков - условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во период од четири години не стори ново кривично дело.
Слично
