Економија, финансии, бизнис

Контакт

Родителите на жртвите во „Пулс“ бараат враќање на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева

Родителите на жртвите во „Пулс“ бараат враќање на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева

Одлуката на Советот на јавни обвинители да не го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева, која повеќе од половина година работеше на предметот „Пулс“, создаде загриженост кај семејствата на жртвите, кои бараат ефикасност во постапката.

Велат дека континуитетот во ваков случај не е формалност, туку клучен предуслов за ефикасна постапка.

„Со промената на обвинителот, предметот преминува кај нов обвинител кој ќе треба од почеток да се запознае со теоријата на случајот, доказите и целокупната постапка. Ова носи реален ризик од дополнителни одложувања, пролонгирање на судските процеси и нарушување на континуитетот“, објаснуваат родителите.

Тие велат дека дел од рочиштата веќе се одложени, а најголем дел од предметите сè уште се во фаза на чекање.

„Токму затоа, секоја промена што може да влијае врз текот и динамиката на постапката отвора сериозна загриженост“, наведуваат тие.

Родителите истакнуваат дека обвинителката Трајчева веќе е целосно запознаена со предметот и дека нејзиното отстранување не е во интерес на правдата.

„Советот на јавни обвинители се повикува на ‘правична застапеност’, додека на обвинителката Трајчева ѝ се ускратува да продолжи со предметот кој сама го водеше – ова отвора сериозно прашање: дали формата се става пред суштината — правдата?“, наведуваат тие.

Бараат обвинителката да биде вратена. Инаку, во пожарот во „Пулс“ лани на 16 март загинаа 63 луѓе, а околу 200 беа повредени. 

Слично

Поврзани вести