„Родителите на девојчињата насилници добија пријави, но тоа ништо не решава“ – Македонски психолог со предупредување по случајот во Ѓорче Петров
„Школото е огромен фактор, кадешто децата го поминуваат половина од денот. Тамошната средина го прави влијанието“ – нагласува психологот Дора Попова Узуновски по обрајавата дека девојчињата насилници од Ѓорче Петров и нивните родители заработиле кривични пријави.
По страшните вести за насилството што девојче го претрпе во скопски Ѓорче Петров, МВР објави дека четирите малолетнички (една на возраст од 17 и три девојчиња на 14 години) кои вршеле насилство заработиле кривични пријави.
Освен тоа, кривични пријави заработија и родителите.
Но, според нашиот психолог Дора Попова Узуновски ова решава само мал дел од проблемот.
Таа во подолга објава на Фејсбук ги наведува главните причини заради кои што ваквиот институционален одговор речиси воопшто не го решава проблемот.
Согледувајќи ги работите низ призма на детската психологија, таа нагласува дека во адолесцентната возраст развојно многу е помало влијанието на родителите.
„Поголемо е влијанието на врсниците и школото. Децата веќе оформуваат своја приватност и научуваат како да се кријат од своите родители и како да влезат во сосема друга улога надвор во светот од таа што е дома.
Точно е дека јадрото е секогаш дома, но и да направиле родителите грешки во воспитувањето, често е поверојатно дека тие грешки не биле намерни, туку повеќе од не знаење“ – нагласува Дора.
Како што вели, иако сакаме да веруваме дека постои одговорен фактор за деликвентно однесување.
„И да, често има, но едноставно самата природа создава девијантни појави. Дури и во земји кадешто има врвни закони повторно е присутно насилство и девијатни појави и почитувањето на законите повторно не прави да ги нема појавите“ – нагласува таа.
Како последни и најважни причини и фактори ги нагласува образовните институции и наставниците.
„Школото е огромен фактор, кадешто децата го поминуваат половина од денот. Тамошната средина го прави влијанието.
Пак ќе кажам дека учев средно во Ѓорги Димитров. Таму булинг не постоеше. Во цела генерација еден случај имаше и тој беше отстранет од школото. Политиката на школото беше да создава позитивна компетитивност меѓу учениците. Тоа потекнуваше од самите лидери кои управуваа со школото.
Значи важно е да се врати воспитната улога на школото покрај образовната. Важно е повторно наставниците да бидат рол модел“ – вели таа.
Нејзината објава наиде на голем број позитивни коментари и некои од родителите нагласуваат дека воспитната улога во училиштата е занемарена, а наставниците се однесуваат како другари со учениците.

Извор: Женски магазин
