Родител на фудбалер од „Шкупи“ ги нападнал малолетните фудбалери од „Брегалница“: Детали од МВР за инцидентот во Штип
Родител на фудбалер од ФК „Шкупи“ физички нападнал двајца малолетници, велат од МВР за Фактор, а во однос на инцидентот кој се случи на натпреварот помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ и ФК „Шкупи“.
„Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош“, велат од МВР за Фактор.
Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Петнаесетгодишните фудбалери, кај кои се констатирани лесни телесни повреди - едниот скршеници на носот, а другиот повреди на ногата се пуштени на домашно лекување.
Неофицијално, со родителот, на теренот влегле уште двајца други родители, а откако синот на едниот добил црвен картон и незадоволен од одлуката, почнал да удира по фудбалерите.
Родителот кој е приведен пак, удирал со клоци и боксови по малолетните фудбалери од „Брегалница“.
А.Т.
ВИДЕО: ДВЕ ДЕЦА СЕ ВО БОЛНИЦА: Инцидент по натпреварот на младинските екипи на Брегалница и Шукпи
ЌЕ БИДЕ ПОВЕДЕНА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ ФК ШКУПИ: ФФМ го осуди инцидентот во Штип
