„Ривалот“ на Пендаровски кај него на гости
Никола Димитров, министерот за надворешни работи, на кого беше гледано како на конкурент во владеачката коалиција на Стево Пендаровски во изборот за кандидат за претседател на Македонија, денеска ќе биде примен на средба кај новоизбраниот шеф на државата во резиденцијата Вила Водно.
Се очекува да се разговара за перформансите на надворешната политика и за работата на дипломатските претставништва, како и за деблокирањето и постапката за агремани за амбасадори со цел пополнување на испразнетите амбасади. Средбата се случува пред објавувањето на Извештакот на ЕК за напредокот на државата и клучните самити на ЕУ на кои се очекува земјата да добие датум за почеток на пристапните преговори.
Димитров учествуваше со говор пред претседателските избори само во последниот ден од претседателската кампања на Пендаровски.
