Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ристоска за „Талир 2“: Предметот ми беше одземен за да можат заинтересираните да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата

Ристоска за „Талир 2“: Предметот ми беше одземен за да можат заинтересираните да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата

Поранешната специјална јавна обвинителка Ленче Ристоска вели дека предметот „Талир 2“ ѝ е одземен за да се избегне конфискацијата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како Белата палата, додека прашањето за ослободувањето на поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, според нејзе било во втор план за владејачката партија. 

Како што додава таа, сега клучното прашање е дали обвинителството ќе поднесе жалба и дали ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакција објавена на Фејсбук, по вчерашната ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и одбивањето на барањето за конфискација, Ристоска посочува низа околности што, според неа, не биле опфатени со јавно објавеното образложение на судот, поточно судијката што ја донесе пресудата, Даниела Алексовска-Стојановска.

Ристоска, потсетува дека таа го започна предметот и го застапуваше седум и пол години, сè до април годинава кога државниот јавен обвинител Ненад Савески ѝ го повлече овластувањето за застапување. Набргу потоа таа поднесе оставка од обвинителската функција.

Како една од главните противречности, Ристоска го посочува фактот што судот, врз истиот доказен материјал, во првата постапка донесе осудителна, а во повтореното судење ослободителна пресуда.

„Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донесе осудителна пресуда за умислено дело — што подразбира дека доказите за целта и намерата со која обвинетите делувале беа дел од предметот и водеа до осуда“, пишува Ристоска.

Поради тоа, според неа, тешко може да се одржи сегашната констатација дека немало докази за намерата на обвинетите. Таа нагласува дека целта поради која биле преземени дејствијата и намерата со која обвинетите дејствувале биле опфатени уште во првичното обвинение.

Ристоска не спори дека измените на Кривичниот законик од 2023 година влијаеле врз предметот. Таа објаснува дека обвинителството не е врзано за првичната правна квалификација и дека во текот на постапката може да предложи друга квалификација и да го измени описот на обвинението во согласност со фактичката состојба што произлегува од доказите.

Токму поради тоа, вели Ристоска, обвинението во „Талир 2“ било изменето и во него било внесено дејствие што не било опфатено со првичната верзија. Станува збор за обврската на Груевски, како тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, да ги врати во Буџетот средствата добиени од компанијата „Бетон“ и да ја надомести разликата меѓу вредноста на изградениот објект и реалната вредност на земјиштето.

Според Ристоска, ваквото дејствие директно одговарало на изменетите одредби од Кривичниот законик бидејќи се однесувало на неизвршување обврска пропишана со Законот за финансирање на политичките партии. Таа тврди дека овој облик на делото не бил опфатен со декриминализацијата и дека кривичната одговорност по членот 353 од Кривичниот законик продолжила да постои, особено имајќи ги предвид доказите дека имотот и користа завршиле кај ВМРО-ДПМНЕ.

Ристоска вели дека овој дел од изменетото обвинение воопшто не бил споменат во образложението што судот го објави во јавноста.

При изрекувањето на ослободителната пресуда, судијката Даниела Алексовска-Стојановска рече дека, иако обвинението било изменето, немало промени во доказите и во фактите изнесени пред судот. Според судот, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека Груевски ги пречекорил своите службени овластувања.

Судијката истовремено нагласи дека анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците на судот останале непроменети во однос на првата постапка, иако исходот од повтореното судење е сосема спротивен.

За Ристоска, токму ваквото образложение отвора суштинска противречност.

„Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода“, пишува таа.

Објаснувањето дека различниот исход е последица исклучиво на измените на Кривичниот законик, според Ристоска, не ја отстранува противречноста, бидејќи измената на законскиот опис не го менува она што го докажуваат доказите.

Судијката Алексовска-Стојановска, пак, при изрекувањето на пресудата рече дека ослободувањето на Груевски е „исклучиво резултат“ на измените на Кривичниот законик од 2023 година. Таа оцени дека Апелацискиот суд правилно утврдил оти измените се поповолни за обвинетите.

Со пресудата, покрај тоа што Груевски беше ослободен, беше одбиен и предлогот на обвинителството за конфискација на партиското седиште. Пресудата сè уште не е правосилна и странките имаат право на жалба.

Ристоска предупредува дека предметот во август годинава навлегува во завршната фаза на застареност. Според нејзината процена, дури и ако обвинителството поднесе жалба, Апелацискиот суд реално нема да има доволно време мериторно да одлучи пред да настапи застареноста.

Таа објаснува дека конфискација на имот може да се изрече и кога кривичното гонење ќе застари, но не и по правосилна ослободителна пресуда. Поради тоа, смета дека сегашниот исход ја отежнува можноста обвинителството да бара конфискација во посебна постапка.

Како клучно го посочува прашањето дали обвинителството ќе поднесе жалба и дали во жалбената постапка ќе побара Апелацискиот суд да се произнесе за конфискацијата, дури и ако во меѓувреме кривичното дело застари.

Во реакцијата Ристоска наведува и процесен детаљ од едно од последните рочишта. Според неа, застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одложување поради нивно отсуство иако нивното присуство не било законски задолжително. Обвинителството не се спротивставило на барањето, а судот не реагирал по службена должност по што рочиштето било одложено.

Таа смета дека ваквите одложувања придонеле предметот да навлезе во период непосредно пред застарувањето и постапката да заврши само со првостепена одлука, без доволно време Апелацискиот суд да се произнесе за неа.

Вели дека предметот беше одземен од неа, со цел да се избегне конфискација. 

фото Фејсбук/Ленче Ристоска

Слично

Поврзани вести