Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ристоска без институционална заштита: Советот ја отфрли иницијативата

Ристоска без институционална заштита: Советот ја отфрли иницијативата

Совет на јавни обвинители едногласно ја отфрли иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, која побара заштита по, како што наведе, јавни напади и политички притисоци од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.

Советот оцени дека изјавите не се доволно конкретизирани за да претставуваат повреда на нејзиниот интегритет и дека не влијаат врз самостојноста на нејзиното постапување во предметите.

Ристоска реагира дека ваквата одлука отвора простор за јавни напади врз обвинителите без институционална реакција.

-Со оваа одлука, Советот практично остава простор јавни прозивки од обвинети лица или нивни законски застапници, штетни за интегритетот и самостојноста на обвинителите да останат без институционална реакција – изјави Ристоска.

Таа посебно праша зошто не бил повикан премиерот да појасни на кого се однесувала неговата изјава, во која ја нарече „медиокритет со политичка матрица“.

-За мене е сосема јасно дека изјавата се однесува на мене, а ако Советот имал дилеми, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесува – посочи обвинителката.

Ристоска нагласи дека контекстот на изјавата не бил земен предвид, особено имајќи предвид дека таа ги води предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, поврзани со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

-Изјавата доаѓа од претседателот на Владата кој има директен процесен интерес од исходот на овие постапки – додаде таа.

Во својата реакција, обвинителката оцени дека Советот не ја исполнил својата улога.

-Ова испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ – заклучи Ристоска.


Слично

Поврзани вести