Ристо Пенов во коалиција со ГРОМ, заедно со Пановски ќе бидат носители на листа во Скопје
Поранешниот министер за локална самоуправа и екс-градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, заедно со докторот Никола Пановски ќе бидат носители на листата на советници на Либерално-демократската партија (ЛДП) за претстојните локални избори во Град Скопје.
Пенов го потврди тоа во саботното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77, истакнувајќи дека ЛДП ќе настапи самостојно, но во соработка со партијата ГРОМ на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Тој додаде дека имало кратка комуникација со досегашниот коалициски партнер СДСМ, но засега договор не е постигнат.
Пред четири години, ЛДП настапи одделно од СДСМ, во коалиција со ДОМ, а нивните кандидати за градоначалници во Скопје и Битола освоија значителен број гласови, влијаејќи врз исходот за кандидатите на СДСМ.
Пенов истакна дека со ГРОМ ќе имаат заемна поддршка за кандидатите за градоначалници, додека конкретните детали допрва ќе се дефинираат. Засега, ЛДП нема назначено свој кандидат за градоначалник на Скопје.
