Ристо Николески: Наставничкиот пленум и професорката Дескоска го бараат најдоброто
Оние коишто треба да ги извршуваат реформите и кои треба да придонесуваат за промените и реформите во образовниот систем во Македонија, треба да се токму наставниците и наставниот кадар кој е директно вклучен и добро ги познава суштинските проблеми кои се јавуваат во образованието. Законите кои се однесуваат на образовниот систем треба да се носат врз основа на длабока анализа за состојбите во сите негови сегменти и да произлегуваат од знаењата и искуствата на сите чинители на воспитно образовниот процес- вели за Фактор, професорот Ристо Николески кој доаѓа од редовите на Наставничкиот пленум. Изминатиов период вели сериозно се зборува за реформирање на образовниот систем, отпочнувајќи од основното, средното до високото образование.
Новите законски решенија очекува да бидат полезни и применливи, а кои поставени еднаш, водат кон создавање силен образовен систем кој ќе понуди квалитет во личниот и општествен живот на граѓаните.
“Вклучувањето на наставниот кадар во реформите е позитивна мерка на Министерството и ќе видиме понатаму дали и колку таа ќе вроди со плод. Со Наставничкиот Пленум имавме неколку директни средби со министерката Дескоска на кои ги искажавме своите ставови и мислења околу проблемите односно недостатоците кои постојат во образовниот систем и што треба да се промени. Најповеќе се алудираше на Кембриџ методот во образовниот систем, непотребните административно-технички обврски на наставниот кадар итн. Исто така се работи на целосно нов Закон за основно и средно образование, но сѐ уште е рано да се каже било што или да се потенцираат било какви детали околу тоа бидејќи сѐ уште не е целосно изготвен и таа реформа се предвидува да започне во септември наредната година. Позитивни мерки кои ги направи досега министерството за образование беа оние најпроблематичните, како што се укинувањето на екстерното тестирање и укинувањето на Кембриџ програмата”- вели професорот Николески.
Според него во постојната настава недостасуваат интересни и едукативни сегменти. Дополнителен проблем се натрупаните административни обврски поради кои наставникот наместо да реализира жива и интересна настава, да го оживее часот и со љубов и жар да ја предаде лекцијата, нему му останува малку време да се посвети на она што всушност е – учител. Во време на формализам, наставникот престанува да ја извршува суштинската работа и се претвора во администратор. Наставникот денес води целосна документација за да ги избегне казните, а многу често на штета на подготовките за жива и интересна настава.
“На ова поле Министерството за образование е во тек на изготвување и вршење промени во наставните планови и програми. Постојано се поставува прашањето колку наставникот смее да излегува од дадената наставна програма, дали треба целосно да се држи според зададениот курикулум од Бирото за развој на образованието или смее да извршува одредени отстапки со цел подобрување токму на тие едукативни сегменти, воведување на таканаречената интерактивна настава и добивање повеќе слобода во извршувањето на таквиот вид настава. На оваа тема би ја искоментирал наставната програма по класниот, одделенски час или како што би можел да се нарече, животни вештини, за кој сметам дека е добро испланирано но не се реализира на тој начин во наставата бидејќи во практика често нема доволно време, нема доволно мотивираност од страна на наставниот кадар тоа да го прави. така што би рекол дека недостасуваат интересни и едукативни сегменти во наставата но сепак тоа е поединечно од наставниците, колку се тие мотивирани и колку сакаат да работат со нови методи, но секако и во некои случаи и од техничката опрема и инвентарот со кои училиштата располагаат, а се потребни за реализација на таков вид настава”- објаснува професорот од Наставничкиот пленум.
Очекува преку нови образовни проекти кои ќе опфаќаат повеќе наставни единици да се мотивира ученикот да почне да размислува за темата, а наставникот да е еден вид модератор или водач на тие проекти. Дополнително вели ќе мора да се направат законски измени и правилници со кои ќе се намалат административните обврски кои им се наметнуваат на наставниците, па наместо на образовна и воспитна се фокусираат на исполнување на обврзувачката компонента.
“Токму тоа дека размислуваме за обврзувачката наместо на развојната компонента е еден од клучните проблеми во образованието, каков што е случајот со преголемите административно или преголемите административно-технички обврски на наставниот кадар. Би ја споменал двојната педагошка евиденција, електронски дневник и пишан дневник, за што сметам дека нема потреба од водење на такви два дневници. За стратегиите кои се практикуваат во соседните држави, разговарав со повеќе наставници од соседните земји. Секако и тие го посочуваат како голем проблем административниот дел во изведувањето на наставата, посебно во соседните земји како што се Србија, Албанија и Грција, кои го посочуваат истиот проблем, додека пак во Република Словенија ситуацијата не е таква. Како една позитивна практика која би ја истакнал од таму е избирањето од страна на самото училиште, самостојно и поединечно да избере каков вид дневник ќе користи за педагошка евиденција. Доволно е само во законот да се додаде училиштето да има слобода во изборот на тоа од каков дневник има потреба за педагошка евиденција, наместо водење евиденција паралелно во два дневници”- нагласува Николески.
Рак рана во изминатите десетина години е силната партизација и поларизација во секторот образование.
“За да се справиме со силната поларизација и партизација во системот, треба да се направат извесни промени во законот посебно во делот за вработување на наставниот кадар, каде што не е децидно определено кој има предност при вработувањето. Во работните групи кои беа формирани и во кои работевме за промени и измени на законите за основно и средно образование обрнавме внимание и на тој дел, како да се успее во отстранувањето на поларизацијата и партизацијата од училиштата. При вработувањето треба децидно да биде определено кои од професорите имаат предност при конкурирањето за работната позиција. Во сегашната практика, кога излегува конкурс за позиција наставник по одреден предмет, стои само дека се бара наставник со завршено високо образование од таа област, без да биде наведено кој апликант има предност, дали е тоа оној кој ги завршил студиите со подобар успех, дали тој кој завршил на наставен смер по таа област, бидејќи на голем дел од факултетите постојат повеќе смерови кои се фокусирани на различни сфери, како на пример на наставна или на истражувачка дејност, а се разликуваат еден од друг. Нормално дека треба да имаат предност оние студенти кои дипломирале на наставен смер, а исто така да се поведе сметка дека предност би требало да има
Министерството за образование и наука неодамна ги повика наставниците од одделенска настава да достават предлози и коментари за новите наставни програми што се предвидуваат во основното образование, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми и реформите во основното образование. Од МОН најавуваат дека наскоро се очекуваат и новите наставни програми за второ и трето одделение.
