Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ристевски: Циговски ги мрази нашите резултати, не дава ниту денар за спортот

Ристевски: Циговски ги мрази нашите резултати, не дава ниту денар за спортот

Антонио Ристевски, тренерот по алпско скијање, кој е дел од олимпискиот тим на Зимските олимписки игри во Пекинг, го продолжува препукувањето со  претседателот на Скијачката федерација на Македонија, Огњан Циговски, откако бизнисменот за него рече дека цела година не се појавил на работа.

Ристевски во својата денешна реакција вели дека со натпреварувачите се работело 160 дена активно во изминатите година дена, од кои 120 надвор од Македонија, а за тоа не добиле, како што вели, ниту денар од СФМ предводена од Циговски.

„Почитувана јавност, принуден сум на ваков начин да се бранам од клеветите на самопрогласеното водство на СФМ. Многу е тешко да се брани спортот од приучени личности кои немаат допирна точка со тренажен процес и исполнување спортски норми за учество на светски ски натпревари. Недозволиво е Циговски да ги девалвира спортските успеси на македонските репрезентативци. Ај што речиси 1 година не ни прашал каде се и што им треба, па уште и ги навредува и ги нарекува неспособни. Македонија е мала земја која се бори за свое место под олимпискиот оган. Делењето на “мои” и “туѓи” скијачи е уништување на спортот со умисла. 

Еве ги фактите! Најдобрите наши скијачи во моментов, A-репрезентацијата ,заедно со мене како тренер, во последнава сезона до сега имаме реализирано повеќе од 160 активни денови на физички подготовки, 90 дена на снег со повеќе од 120 дена поминати надвор од Државата. Учествувавме на 22 FIS меѓународни натпревари, од кои 8 во Италија, 2 во Франција, 4 во БИХ и 8 во Црна Гора. Постигнавме одлични резултати и повторно ја исполнивме нормата за алпската А репрезентација на СФМ и олимписката норма за учество на ЗОИ во Пекинг. Сето ова го сторивме со НУЛА денари помош од СФМ!“ пишува Ристевски.

Тој во продолжение му порачува на Циговски дека функцијата прв човек во федерација значи дека треба да го помага спортот, а не да очекува придобивки и дека го мрази успехот на репрезентативците само заради тоа што знаат колку е неспособен.

„Ние спортистите сме издржале многу, ќе ги издржиме и овие сегашниве залутани епизодисти во спортското скијање. Порано или подоцна вистината секогаш победува“, дополнува Ристевски.

Слично

Поврзани вести