Рикер: Сега е можност за Македонија да се придвижи напред, да се приклучи во НАТО
Референдумот за името е можност сите Македонци да излезат и да кажат дека се за позитивна иднина на Македонија, рече поранешниот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер.
„Членството во НАТО, ако ги погледнете вашите соседи како Бугарија, Албанија, другите земји од поранешна Југославија, им значеше многу, па дури и за Грција членството во НАТО и во ЕУ значеше многу во економска смисла, во однос на стабилноста. Ова сега е можност за Македонија да се придвижи напред, да се приклучи во НАТО во краток период. Пристапниот процес е веќе во тек“- вели Рикер, чија нова позиција е цивилен заменик командант на силите на САД во Европа.
Во Македонија беше во придружба на командантот на американските сили во Европа Куртис Скапароти.
Во интервју за телевизија Сител, Рикер потсети на изјавата на генералот Скапароти и додаде дека тој видел дека Македонија е добро подготвена да придонесе во Алијансата. Очекувањата на претставниците на американската војска се дека Македонија ќе биде целосен и еднаков член во НАТО и оти ќе има исти права и привилегии како секоја друга земја-членка на Алијансата.
