„Ругање со Христос“ може слободно да се прикажува
Контроверзниот филм „Ругање со христос“ може слободно да се прикажува низ кино-салите откако Основниот суд Скопје 2 соопшти дека вчера од Државното правобранителство на Република Македонија му е доставен поднесок за повлекување на предлогот за изрекување привремена мерка за забрана за прикажување.
„Ругање со Христос” – дебитантски игран филм по сценарио и режија на Јани Бојаџи побуди контроверзи откако Министерството за култура оцени дека е навредлив за македонската јавност и дека има спорен политички контекст, по што беше побарано од државниот правобранител да го суспендира.
– Поради поголемата заинтересираност на медиумите во врска со предметот ВПП – 250/18, ве известуваме дека на ден 8 октомври 2018 година до Основниот суд Скопје II Скопје, доставен е поднесок од страна на Државно правобранителство на Република Македонија за повлекување на предлогот за изрекување на привремена мерка, соопшти денеска Судот, откако Државниот правобранител во неделата најави дека предлогот ќе биде повлечен.
Контроверзноста околу филмот се зголеми откако на истиот ден на македонската премиера на филмот во петокот во рамките на фестивалот „Киненова“ во кино Милениум беше приведен таткото на Бојаџи во Струмица за манипулација со артефакти како дел од широка полициска акција.
Вечерва филмот треба да продолжи да се прикажува во Штип, а потоа и во Прилеп. Изработен е со средства доделени како ко-продукција од Агенцијата за филм во 2016-та.