РЕЗОЛУЦИЈА ЗА СРЕБРЕНИЦА: Дали Романија и Грција ќе го сменат ставот?
Српските власти велат дека Романија и Грција можат да го променат својот став за Резолуцијата за Сребреница.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека притисоците од Западот да ја поддржат Резолуцијата за геноцидот во Сребреница се огромни и дека, како што наведе, „постојат индиции дека Грција, а можеби и Романија, ќе го сменат својот став“, јави дописникот на МИА од Белград.
„Тешко им е на Србите да разберат дека Грците гласаат за ова, исто како што ни беше мачно да гледаме како Гркинка предлага влез на Косово во Советот на Европа“, рече Вучевиќ, на телевизија Прва.
Тој оцени дека усвојувањето на резолуцијата ќе има последици и за Србија и за регионот на Западен Балкан, дека следен чекор е укинување на Република Српска и ревизија на Дејтонскиот договор, како и дека некој си поигрува со пожар на Западен Балкан.
Вучевиќ кажа дека „инженерите“ на резолуцијата намерно избрале за неа да гласаат од земји или народи блиски до Србите за дополнително да ги понижат.
Генералното собрание на ОН утре ќе гласа за резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се осудува негирањето на геноцидот и величењето на воените злосторници.Резолуцијата е предложена од Германија и Руанда, а спонзорирана од 38 земји, меѓу кои се и Македонија и сите поранешни југословенски републики, освен Црна Гора, која сепак најави поддршка.
„Покрај предлагачите Германија и Руанда, спонзори на резолуцијата се: Албанија, Андора, Австралија, Австрија, Бангладеш, Белгија, БиХ, Бугарија, Чиле, Данска, Естонија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Ирска, Исланд, Италија, Јордан, Канада, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Маршалските Острови, Микронезија, Норвешка, Нов Зеланд, Полска, САД, Северна Македонија, Словенија, Шведска, Турција, Велика Британија и Вануату“, стои во нацрт-документот.
Во нацрт-резолуцијата се потсетува на пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг и Меѓународниот суд на правдата, кои злосторството во Сребреница го окарактеризираа како геноцид.
