Економија, финансии, бизнис

Контакт

РЕВИЗОРИТЕ СО БРОЈНИ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ОПШТИНА РОСОМАН: недостатигале документи за градба, за технички прием...

РЕВИЗОРИТЕ СО БРОЈНИ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ОПШТИНА РОСОМАН: недостатигале документи за градба, за технички прием...

Повеќе недостатоци и системски слабости констатирал Државниот завод за ревизија во Општина Росоман.

ДРЗ укажува дека не била утврдена старосна структура за побарувањата по основ на данок на имот од физички и правни лица и комунална такса за назив на деловна просторија, законската можност за нивна наплата, како и дека не се преземаат активности за присилна наплата и не се пресметува и наплатува камата за данокот кој не е платен во пропишаниот рок. 

- Не е извршено ажурирање на пазарната вредност на недвижниот имот, одлуката за критериумите за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот (земјоделско и градежно земјиште) не е усогласена со Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот во однос на начинот на пресметување на пазарната вредност земјиштето - констатира Заводот во Извештајот од извршената ревизија.

Во извештајот се додава дека Општината не остварува приходи од надоместокот за одржување на јавната чистота, а Советот на Општината нема донесено годишна програма за одржување на јавната чистота, дека нематеријалните средства и дел од недвижниот имот не се сметководствено евидентирани, а констатирани се и неправилности при донесувањето и реализацијата на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година.

При ревизијата на Општината утврдени се и недостатоци во однос на роковите за реализација и обезбедување на документација за отпочнување со градба, отсуство на извештај за технички прием и примопредавање на градбите помеѓу инвеститорот и изведувачот.

Државниот завод за ревизија констатира и системски слабости, меѓу кои дека не е пропишано во кои рокови правните лица овластени за регистрација на возилата треба да ја уплатат комуналната такса за користење на патишта со моторни возила на сметка на општината, како и оти не е пропишана обврска на трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија кое врши наплата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броила да ги известува општините за бројот на обврзници по категории (број на броила) согласно тарифниот број, како и за наплатените приходи и ненаплатени побарувања по овој основ. ДЗР утврдил и дека состојбата на регистарот на недвижности не е усогласена со регистарот кој го води Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија. 

Слично

Поврзани вести