РЕВИЗОРИТЕ ИМААТ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ПАТОТ КИЧЕВО - ОХРИД: По една деценија завршени се само 40 отсто од трасата
Долгата изградба на автопатот Кичево - Охрид ја потврдија и ревизорите. Тие наведуваат дека и по една деценија завршени се само 40 отсто од трасата.
Констатирале дека досега еден километар чини рекордни 9 милиони евра, а поради низата пропусти од самиот старт проектот е издвоен како најпроблематичен чија цена скокнала за 45 отсто од првично планираната. Станува збор за дополнителни 187 милиони евра и најчесто за него се продолжувал и рокот на изградба.
Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно-правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите). Ова е наведено во извештај на Државниот завод за ревизија.
