ReSPA – десет години заедничка работа на Европската Комисија и владите од Западен Балкан за реформи во јавната администрација
Формирана како заеднички потфат на Европската Комисија и владите од земјите од Западен Балкан, ReSPA во последните десет години овозможи вмрежување на министерствата и институциите од јавната администрација во регионот и нивно поврзување со Европската Комисија и експертите вклучени во реформите во јавната администрација во земјите членки на ЕУ. Споделувањето на знаења и учење од најдобрите практики влијае врз формулирањето на јавните политики и процеси кои се потребни за ефикасни реформски процеси на јавната администрација во регионот преку зголемување на нивната ефикасност.
Од друга страна, ReSPA има за цел да им помогне на владите од регионот во овие реформски процеси, преку спроведување на активностите формулирани според конкретните потреби на владите од Западен Балкан, во рамките на клучни области – подобро регулирање, фокус на владите, управување и развој на човечките ресурси, управување со квалитетот и е- Влада.
Што значи тоа практично ќе објасни Г-ѓа Ратка Секуловиќ, директор на ReSPA, која ја води оваа институција во последните пет години.
И ReSPA се трансформираше според потребите на регионот и обидот на ефикасен начин да одговори на тие потреби.
Секуловиќ: Ви благодарам на убавите зборови. Вие накратко ја објаснивте улогата на ReSPA во регионот и кој е нашиот фокус. Прво, би сакала да нагласам дека реформата во јавната администрација е долг и сложен процес не само во нашиот регион, туку и за земјите членки на ЕУ. Истовремено, таа е еден од клучните предуслови за интеграција на земјите од регионот во Европската унија.
Јасно е дека Европската комисија, свесна за сложеноста на реформските процеси што му претстоеја на регионот пред 10 години, изрази потреба да се формира ReSPA. Во првите години од својата работа, ReSPA претставуваше обучен центар за државните службеници од регионот, но, исто така, единствена можност за нив да се сретнат и да ги споделат своите искуства, да учат заедно од грешките и успешните примери. Ова беше од клучно значење бидејќи земјите ја добија потребната самодоверба и потврда дека се развиваат во вистинската насока, споредувајќи се една со друга, но и следејќи ги искуствата од колегите од Европските земји. До сега, ReSPA има организирано повеќе од 400 настани (обуки, работилници, сезонски школи, итн.) со повеќе од 6.000 учесници од целиот регион кои го вградија стекнатото знаење и искуства во реформските процеси во своите земји.
Со текот на годините, ние согледавме дека вмрежувањето е еден од клучните фактори на поддршка на земјите членки и токму затоа во 2015 година ја редефиниравме улогата и положбата на ReSPA и ја позициониравме како регионален центар за вмрежување на чинителите вклучени во реформата на јавната администрација и нивно поврзување со ЕУ, но и глобално познати експерти.

Како, според вас, напредува регионот во однос на реформата во јавната администрација? Дали е возможно да се даде еден општ преглед?
Секуловиќ: Напредокот е очигледен во целиот регион, посебно во последните неколку години. Мој личен впечаток е дека процесите се забрзуваат и земјите од регионот сè повеќе посветуваат внимание на дигитализацијата и трансформацијата на услугите, кои сега се повеќе насочени кон потребите на граѓаните, додека, истовремено, работата на вработените во јавните администрации станува потранспарентна и поефикасна. Секако, ваквата тенденција ќе продолжи и во следниот период. Многу е сработено во однос на усогласување на јавните политики и процеси, така што, целокупниот заклучок е дека регионот напредува релативно рамномерно и со стабилен чекор во овие реформски процеси.
Имајќи предвид дека евроинтеграцијата е другата страна на паричката на овие реформи, поради фактот што тие се меѓусебно поврзани и заемно условени процеси, важно е да се нагласи сè поголемата и очигледна конкретна поддршка од Европската унија. Во април минатата година, Европската комисија распредели 3.3 милијарди евра за социоекономско закрепнување на регионот и за намалување на влијанијата предизвикани од глобалната пандемија. Дополнително, Европската комисија усвои нов Економски и инвестициски план, со кој, истата година, се распределија 9 милијарди евра за долгорочно економско закрепнување на регионот и за понатамошен поттик за приклучување кон ЕУ и европскиот единствен пазар.
Меѓутоа, најголемиот товар на реформските процеси паѓа на министерствата и институциите на јавната администрација кои вложуваат максимални напори за забрзување на процесите, усогласување на политиките и модернизирање на услугите во корист на своите граѓани во ова време на големи предизвици. Нам во ReSPA ни е јасно дека јавната администрација во регионот станува поефикасна и вистински во служба на граѓаните и веруваме дека граѓаните од регионот го гледаат тоа, посебно преку работата на е- Влада, која е доказ за флексибилноста и капацитетите на владите успешно да одговорат на сè поголемите потреби на граѓаните и бизнисите преку модернизирање и дигитализација на услугите.
Која е улогата на ReSPA во овој напредок? Кои конкретни активности и резултати би можеле да ги издвоите и зошто?
Секуловиќ: Тешко е да се стават десет години работа во една реченица, посебно кога таа работа е поврзана со сложени тематски области, каков што е случајот со нашата Програма за работа и кога тие не се директно поврзани со граѓаните, туку со јакнење на државните службеници. Нашата Програма за работа е ориентирана на вишите државни службеници кои понатаму ќе го интегрираат стекнатото знаење, вештини и алатки во реформските процеси и во институционалниот развој. Во овој контекст, гледаме јасни подобрувања во трансформацијата на бавните бирократски системи во модерни јавни администрации, главно преку воведување на вработување според постигнувања, оценка на работењето и воведување на европски алатки за унапредување на квалитетот на услугите на јавната администрација, како што е Општата рамка за процена (CAF) во сите јавни институции од регионот. Меѓутоа, неопходно е да се работи на понатамошна професионализација и деполитизација на јавната администрација, со цел вистински да се спроведат законските решенија во практика.
Дополнително, објавивме над 30 студии, кои вклучуваат над 150 конкретни регионални и национални препораки, со јасни насоки за подобрување на процесот на вработување, дигиталната трансформација на јавните администрации, управување со квалитет и усогласување на јавните политики. Неодамна објавивме Аналитичка студија за координација на јавните политики во Западен Балкан, врз основа на која спроведовме национални студии за секоја земја од Западен Балкан, со конкретни анализи на системите и практиките и препораки за секоја земја поединечно. Оваа сеопфатна анализа на координацијата на политиките на регионално ниво и подлабоко на национално ниво претставува добра основа за формирање на регионална мрежа координатори на политики што ќе ја прикажат ефективноста и ефикасноста на активностите што ги спроведуваат.
Имајќи предвид дека ReSPA има воспоставено следење на резултатите од своето работење, преку воспоставување на единствен систем за следење, можам со сигурност да кажам дека значаен дел од препораките од нашите студии успешно се спроведуваат преку работата на институциите во регионот. Ако на ова го додадам фактот дека над 90% од учесниците во нашите активности дадоа оценка одлично или многу добро, тогаш, имаме причина да бидеме задоволни со она што го направивме.
Понатаму, имајќи предвид дека политичката волја и заложба се клучни за сите реформски процеси, би сакала да го издвојам Политичкиот дијалог на министерско ниво, кој го организираме еднаш годишно, од 2019 година наваму, на кој присуствуваат највисоките претставници од Европската комисија за Западен Балкан и министрите за јавна администрација од регионот. Ова е единствена можност да се разменат искуства на највисоко ниво и да се дадат насоки за понатамошен развој на јавната администрација во регионот. Само со синхронизирана работа на сите министерства, со јасна поддршка од претставниците на Европската комисија, регионот може да напредува во овој сложен процес, но, исто така, со евроинтеграцијата.
Како ја оценувате соработката со земјите членки на ReSPA и како тоа се одразува на нивните национални стратегии за реформа на јавната администрација?
Секуловиќ: Сите резултати што ги спомнав, како и оние пред нас, не би биле возможни без добра соработка со владите од Западен Балкан, чии претставници се вклучени во управувачките структури на институцијата и во нашата работа. Со гордост можам да истакнам дека во текот на сите години од мојот мандат имаме однос на заемна одговорност, проактивност, а пред сè, почитување и поддршка.
Секако, инсистирајќи на регионална соработка, добра координација со Европската комисија и бројни програмски активности, има позитивно влијание врз развојот и спроведувањето на националните стратегии на нашите членки.
Повторно, тешко е да се конкретизираат и издвојат резултатите на национално ниво, меѓутоа, добра можност е да се презентира внатрешниот национален механизам за поддршка – механизам што го воведовме пред неколку години и кој се покажа како доста практична и ефективна форма за поддршка. Преку овој механизам, ReSPA ја поддржува оптимизацијата на јавната администрација, под влијание на изготвувањето на Законот за државни службеници, Законот за внатрешна финансиска контрола, развојот на системите за е- учење, развојот на стратегиите за дигитална трансформација и бројните проекти во рамки на земјите членки.
Дали во својата работа соработувате со други меѓународни институции ?
Секуловиќ: Разбирливо, најблиску соработуваме со Европската комисија, т.е. Генералниот директорат за проширување и соседство (DG NEAR), меѓутоа, би сакала да ја истакнам сеопфатната соработка со други меѓународни институции како што е OECD/SIGMA, KDZ, GIZ, CEF со кои имаме многу заеднички активности, а да не ги заборавиме и EUPAN, UNDESA, RCC и други.
Би сакала да ја истакнам Наградата за јавна администрација на Западен Балкан, како една од заедничките активности со големо влијание врз пошироката јавност, со која започнавме минатата година заедно со колегите од SIGMA, со цел промовирање на иновативни и ефикасни иницијативи во јавната администрација на регионално ниво и мотивирање на другите да спроведуваат слични проекти во своите земји. Минатата година, темата на конкурсот беше ефикасен одговор на владите од Западен Балкан кон кризата предизвикана од глобалната пандемија. Морам да признам дека ние во ReSPA, колегите во SIGMA и меѓународното жири за избор на кандидатите, бевме пријатно изненадени од квалитетот на поднесените апликации. Тоа беше доказ за нас дека владите од Западен Балкан се флексибилни и меѓусебно соработуваат, бидејќи повеќето од нив за кратко време изготвија ефикасни и практични решенија како одговор на итните потреби на граѓаните. Тука, главно мислам на бројните апликации од Е-Влада и е-здравство. Ги промовиравме најдобрите од најдобрите пред јавноста на престижната светска конференција организирана од OECD и дополнително, сите победници добија престижна сертифицирана обука во областа на иновациите, конципирање на услуги и агилно управување.
Какви се вашите планови за иднина?
Секуловиќ: Во ReSPA секогаш имаме многу планови. Стратешки, ReSPA останува посветена на поддршката за развој на политики, деполитизација и професионализација на јавната администрација, како и за подобрување на квалитетот на јавните услуги. Со јасна поддршка од Европската комисија и со заедничките напори на владите од Западен Балкан, ние ќе продолжиме да даваме поддршка за градење на транспарентни, отчетни и професионални институции на јавната администрација во регионот.
Посебно, нашиот фокус е на понатамошен развој на Регионалниот центар за управување со квалитет, за подобрување на услугите на институциите од јавната администрација и широко спроведување на CAF, како и на понатамошен развој на регионалната мрежа на координатори на јавни политики кои треба да имаат важна улога во јакнењето и нивна подобра координација на регионално ниво. Исто така, почнуваме со прва сеопфатна регионална анкета да се испита колку вработените се задоволни (повторно заедничка активност со SIGMA), со цел да се добие реална база на податоци неопходна за понатамошен развој на положбата на државните службеници, бидејќи тие се клучен фактор за понатамошен развој и напредок. Исто така, се подготвуваме за повеќе иновации во областа на поддршка за дигитализација на јавните услуги. Генерално, имаме доста работа пред нас, која со нетрпение ја очекуваме бидејќи сме свесни дека крајните резултати ќе бидат во корист на сите нас.
На крајот, што е според вас клучот за успех во реформскиот процес и во работата на вашиот тим?
Секуловиќ: Доверба, почитување и заедништво. Ние мора да се почитуваме едни со други и да развиваме однос на доверба и заедништво за да бидеме поуспешни и позадоволни. Ние во ReSPA ја научивме таа лекција многу рано и гледам дека тимовите во регионот се движат во таа насока, која нема алтернатива, а тоа ме прави среќна. На крајот, сакам да се заблагодарам на исклучителниот тим на ReSPA, претставниците на владите вклучени во нашите управни структури, работните групи, офицерите за врска, како и претставниците на Европската комисија кои силно не поддржуваат уште од почетокот и без кои ReSPA не била тоа што е.
