РЕНТГЕНОЛОГ, ПУЛМОЛОГ И ПЕДИЈАТАР ОДЛУЧУВАА КОЈ ЌЕ ДОБИЕ ТРИКАФТА СЕГА: Новата група од 30 пациенти ќе биде повикана од понеделник
По објавата на
министерот за здравство, Фатмир Меџити дека долгоочекуваниот лек трикафта за
пациентите со реткото заболување цистична фиброза е веќе на Клиниката за детски
болести, најважното прашање за нив е кој е на списокот на оние кој ќе го
добијат лекот.
Во изјава за Фактор, директорката на Клиниката за детски болести, проф.д-р Стојка Нацева Фуштиќ изјави дека списокот од пред неколку дена е веќе кај нив и дека од понеделник ќе бидат повикувани оние кои треба да започнат со терапија.
-Списокот го добивме од Министерството за здравство во текот на неделава, всушност пред два-три дена. Исто така го добивме и дописот во кој е наведено кон што точно тгреба да се придржуваме. Листата на пациенти е направена од страна на Стручна Комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање. Во оваа Стручна комисија јас не учествував, но таму има лекари, односно професори од клучните специјалности за болеста цистична фиброза, значи рентгенолог, пулмолог и педијатар. Од понеделник ќе се организираме целосно и ќе почнеме да ги повикуваме оние кои сега се на списокот од 30 пациенти што треба да почнат со терапијата.
Иако, во септември се говореше дека трикафта ќе биде набавена за сите 55 пациенти над 12 годишна возраст, кои ги исполнуваат условите за оваа терапија, Владата кон крајот на ноември одобри 14 милиони евра, пари со кои требаше да се набави лекот за 39 пациенти. Но, оваа терапија сега ќе биде достапна само за 30 пациенти.
Сите 55 се надеваат дека ќе бидат на списокот кој брои точно 30 луѓе. Еден од најгласните кој не се откажува од долгата борба со болеста е Игор Пехчевски од Берово кој очекува дека 2024 година ќе ја дочека со исполнување на неговата желба.
-Тешко е да се живее со оваа болест. Поради обилните скрети, и апетитот се намалува, но како што и досега јавно изјавував, не се предавам. Овој пат навистина се надевам дека и јас ќе бидам на списокот за трикафта. Но, лек мора да има за сите. И за најмалите. Најдобро е со терапија да се почне од најмала возраст. Само така можеме да имаме квалитетен живот, посочи во последната изјава за Фактор, Игор Пехчевски.
Инаку, за разлика од Македонија, во земјите во нашиот регион, и во сите европски земји, лекот трикафта се дава на пациентите со цистична фиброза уште од шестата година, а во моментов е во процес можноста да се префрли терапијата да се дава од две години нагоре, како што е во САД и во Канада.
Анита Буховски
