Ременски: Сведочењето на Младеновски фрли нова светлина
Пратеничката и подпретседателка на македонското Собрание, Фросина Ременски, во гостувањето на 1ТВ изјави дека сведочењето на обвинетиот за настаните на 27 април, Михаил Младеновски, фрла нова светлина на настаните и фокусот на истрагата се сели во Управата за безбедност и контраразузнавање.
– Процесот не бил смислен да не успее. Јас мислам дека таа ноќ само Господ ја спаси Македонија. Тука потфрлија неколку ланци во изведбата – намерата била да се исклучат светлата во Собрание и да се создаде тотален хаос. Она што дава аргументи, а произлегува од сведочењата на Младеновски – организацијата за оружјето, командата, параполициската организиација отвараат друг процес и мислам дека ако сето ова се прифати како точно – дека УБК стои зад сценарото, мислам дека Управата требаше да се „пломбира“ истиот ден - вели Ременски.
Таа додаде дека сведочењата и наодите водат кон нови моменти и со вмешаноста на УБК во два други претходни случаи.
- Исто така зад настаните во „Монструм“ и „Диво насеље“ стои мрежа за предизвикување на радикални процеси и меѓуетнички судири кои би биле безизлезни - изјави Ременски.
