Економија, финансии, бизнис

Контакт

Реконструкција како подготовка за избори или нов елан за реформската агенда

Реконструкција како подготовка за избори или нов елан за реформската агенда

Според првичните информации од владејачките партии познати се ресорите кои ќе бидат распределени во новиот владин состав по реконструкцијата, што укажува дека се подготвува теренот за избори, без оглед дали тие ќе бидат редовни или предвремени, додека пак реформската агенда може и да се оддолжи доколку се променат политичките приоритети, особено со можната блокада на изборниот законик.

ВМРО-ДПМНЕ сосема извесно е дека го насочува фокусот кон ресори кои се многу важни пред секои избори. Министерство за социјална политика, демографија и млади ќе го предводи Ѓоко Велковски кој досега беше заменик во овој сектор. 

Министерството ќе биде многу значајно пред следните избори, бидејќи преку него се прераспределуваат социјалните трансфери и мерките за поддршка на невработените. Тоа е многу важно во придобивање симпатии од гласачите, особено во период кога и натаму се чувствува падот на стандардот на граѓаните и проблемите со инфлацијата, скапата храна и високите сметки.

Мицкоски исто така го „враќа“ Министерството за здравство кое ќе го управува Сашо Клековски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ кој досега беше директор на Фондот за здравство, а на негово место ќе биде назначен Златко Перински. Неговото министерско место во секторот локална самоуправа ќе биде остапено на Иван Стоиљковиќ од партијата на Србите во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кој пак, досега го водеше Министерството за односи меѓу заедниците, кое пак по реконструкцијата ќе го предводи кадар на ВЛЕН.

Политичкиот влог во ВЛЕН и „дерискирањето“ во ЗНАМ

Додека ВМРО-ДПМНЕ го подготвува теренот за повеќе популистички пристап пред следните избори, ВЛЕН се избори за секторот правда кој стана „болна“ точка поради протестите на албанските студенти за полагање на правосудниот испит на албански јазик, а кои беа поддржани и проширени од ДУИ и албанската опозиција.

ВМРО-ДПМНЕ се откажа од културата, но го задржа министерството за спорт иако овие два сектора често беа дел од комбинаториките за промовирање на нови кадри или отстапување на министерската фотелја на некој од коалициските партнери.

Најголем губитник се чини дека е ЗНАМ бидејќи извесно е дека министерот за правда Игор Филков ќе биде разрешен, а на неговото место ќе биде назначен Јетон Шасивари кој е универзитетски професор.

ЗНАМ ќе мора да се задоволи со Министерството за земјоделство кое ги води политиките пред сѐ за доделување субвенции, но од политички аспект ќе биде потешко партијата да го претстави ова како преговарачка победа отколку како принуден компромис со поголемите коалициски партнери во власта. Максим Димитриевски потврди дека нивен предлог е досегашниот државен секретар во тоа министерство, Борче Серафимовски.

Додека рејтингот на ЗНАМ на последните испитувања на јавното мислење опаѓа, кај ВЛЕН се случи консолидација и обединување на коалицијата во единствена политичка партија и затоа нивните преговарачки позиции кај Мицкоски пораснаа.

Исто така, Мицкоски продолжува да вложува политички капитал во ВЛЕН како посакуван коалициски партнер наспроти ДУИ, кои иако се во нокдаун, може да искористат одредени слабости на власта и преку засилена националистичка реторика да победат на следните парламентарни избори.

Газат роковите на Европската Унија

Премиерот, според последните настапи, фокусот го става на ветувањата кон пензионерите, зголемување на платите во јавната администрација, посветеноста на изградба на инфраструктурните проекти, привлекување странски инвестиции, особено во енергетика и рударството, воведување на дигитализацијата во јавниот сектор и услугите кон граѓаните, како и вложувања во регионалниот развој. 

Неговите теренски активности го отсликуваат како политичар кој „24/7“ е посветен на граѓаните и најверојатно така и ќе се води следната кампања.

Во оваа реконструкција не се опфатени моќните министерства за внатрешни и надворешни работи, финансии, транспорт и одбрана, а нема промени ниту во секторите економија, образование, евроинтеграции, јавна администрација, енергетика и рударство, дигитална трансформација, и животна средина.

Оваа реконструкција најверојатно ќе помине без поголема политичка одговорност кај разрешените министри во дебатата во Собранието, бидејќи власта ќе бара компромис со Левица и СДСМ за изгласување на новиот Изборен законик, кој пак е клучен за исполнување на обврските од реформската агенда пред Европската Унија.

Доколку државата не успее навреме да ги заврши реформските обврски ризикува да биде исклучена од следната транша директна финансиска поддршка на ЕУ која се доделува од Планот за раст за Западен Балкан, каде исплатите зависат од нивото на напредок меѓу земјите. Само за споредба Црна Гора откако ги заврши преговорите ќе добие најверојатно 3,2 милијарди евра за прилагодување на земјата кон членство во Европската Унија.

Затоа треба добро да се следи работата на новиот реконструиран владин состав кој ќе биде наскоро одобрен од Собранието, дали ќе работи на реформите од кои бенефит ќе имаат сите граѓани или ќе има фокус само на теснопартиските интереси пред следните избори.

Х.С.

Слично

Поврзани вести