Економија, финансии, бизнис

Контакт

РЕКИ НАРОД ЗА ВОДИЦИ ЌЕ СЕ СЛЕАТ ВО ОХРИД: Oд каде доаѓаат најмногу гости?

РЕКИ НАРОД ЗА ВОДИЦИ ЌЕ СЕ СЛЕАТ ВО ОХРИД: Oд каде доаѓаат најмногу гости?

Домашни туристи, но и гости од соседна Србија во голем број ќе бидат присутни за празникот Водици во Охрид, за да ја проследат церемонијата на фрлањето на крстот во езерото. Овaa традиција е интересна за посетителите и придонесува реки народ да се упатат кон Охрид на тој ден. По Водици, во градот се слави и Денот на рибарите.

„Доаѓаат туристи специјално за Водици.  Интересен им е обичајот, сакаат да го видат и да го доживеат. Србите доаѓаат најмногу, но и другите посетители кои се на поминување, остануваат во градот за тој ден. Освен Срби, има и Грци што доаѓаат за Водици. Убава им е самата атмосфера и тоа што е полно со народ. И во Струга се собираат на реката Дрим, глетката е преубава. Тоа ги воодушевува, гледаат дека е убаво и дека нешто се случува. Има музика, празнична атмосфера“, вели охриѓанка.

Охрид се подготвува за најмасовната културно-верска манифестација Богојавление-Водици. Некои домашни туристички агенции имаат понуди за дневдневна тура, која опфаќа посета на Охрид, Струга и Вевчани. Други пак нудат еднодневни екскурзии до Охрид на Водици.

„И за Нова година и за празниците доаѓаат гости од Србија. Србите се најчести гости за Водици и посетителите од други градови во Македонија. Уживаат во фрлањето на крстот во езерото, во Охрид е величествено тој ден. Самиот чин буди емоции, топлина во душата. Охрид си има некоја магија. Утредента е Денот на рибарите и тогаш е многу интересно. Се фрла бурето со вино во езерото, па се прави чорба и навистина е убаво. Градот е исполнет“, додава Весна Ставреска, сопственичка на апартмани во градот.

Во соседна Струга светиот крст го фрлаат во водите на реката Дрим. Стружани велат дека акцент се става на прославите на празникот во Скопје и Охрид, а Струга според нив е во сенка.

„Струга е посетена, не е дека не, можеби не како Охрид, но сепак доаѓаат луѓе. Да бидеме реални не е посетеноста на ниво на Охрид. За стружани денот е неработен, во 9 часот одиме на мостот. Помлади деца скокаат во реката по крстот. Со грејана ракија, со музика, убава е атмосферата. За тој ден сме сплотени и нема стружанец што не излегува крај Дрим. Доаѓаат луѓето и од околните села, иако и таму имаат некои базенчиња каде се фрла крст. Треба поголема промоција и маркетинг да има преку општините. Државата треба повеќе да се заинтересира за промоција. Во Струга ние имаме што да покажеме, но треба повеќе да се поработи на тоа поле. И треба да бидеме добри домаќини за да привлечеме гости, но и реклама си треба“, вели стружанка.

Ако ги погледнеме статистиките, најмногу странски туристи и во ноември лани имало од Турција – 12.401, по што следуваат Германија – 11.812, Србија – 3.793, Грција – 3.506. Турците и Србите редовно се меѓу најчестите гости во Македонија. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести