Реформите пресисаа: Барања на наставниците една година заглавени во фиока во Министерството за образование
Една година во фиока во Министерството за образование стои официјален документ со заклучоци од Меѓународната конференција за образованието по природни науки и математика. Толку време од Министерството нема реакција во јавноста за барањата на наставниците од основните и средните училишта и од факултетите во земјава. Иако станува збор за сериозни и важни заклучоци кои ги утврдуваат поразителните состојби во образованието, Министерството само ги примило заклучоците, без да реагира. Во нив има детална анализа за целокупниот наставен процес и требда се инпут за носење одлуки за понатамошни реформи.
Конференцијата беше одржана лани во март а воорганизација на Природно-математички факултeт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Друштвото на физичарите на Македонија и Сојузот на математичари на Македонија. По дебатите, произлегле заклучоци срочени во посебен документ „Образованието по природни науки и математика во основните и средните училишта во Република Македонија - состојба и перспективи“.
Фактор ги виде заклучоците меѓу кои повеќето се итни за реформскиот процес.
„ - Потребна е суштинска деполитизација на образовниот систем.
- Статусот на професијата наставник е поразителен.
- Квалитетот на наставата опаѓа, исто како и критериумите за оценување. Така, наставниците во основното образование имаат голем проблем со реализација на наставата.
- Потребни се итни реформи во образованието. ТИМСС и ПИСА тестовите се индикатор за поразувачката и опаѓачка природонаучна и математичка писменост на учениците во нашата држава во споредба со учениците во другите 80 држави кои се опфатени со овие тестирања во светот. Тоа е индикација дека проблемот е системски и алармантен. Потребно е зголемување на фондот на часови по природните науки и математика како прва мерка за подобрување. Успех на меѓународните истражувања имаат само оние држави во кои природните науки и математиката се изучуваат со поголем фонд на часови и практична настава застапена во поголем обем.
- Потребни се нови наставни програми, особено замена на наставните програми преземени од Кембриџ. Неопходни се нови учебници, кои ќе ги напишат македонски автори, кои ја познаваат материјата, методиката, автентичните проблеми и потреби и секако духот на јазикот.
- Потребен е холистички/интердисциплинарен пристап при подготвување на темите и содржините во наставните програми (математиката треба да претходи во формирањето на потребните предзнаења во физиката и хемијата), стои во заклучоците.
Меѓу останатите се и дека е потребна е институционална подршка на талентираните ученици, а наставните програми по физика за осмо и деветто одделение кои се преземени од Кембриџ, а соодветно и учебниците не дале квалитет во образованието и дека тие треба да се отфрлат. Наставниците искажале сериозни критики за проектот „Кембриџ“, а според нив од него речиси и да нема позитивни ефекти. Заклучиле дека постојат сериозни пропусти во корелација на наставните предмети, особено меѓу математика и физика. Нотирани се и други слабости.
„ Воведување на флексибилни наставни програми, со задолжителни содржини за сите ученици, незадолжителен дел за учениците со послаби постигања и додатни содржини за учениците со поголеми постигања. Најбројни се критиките по програмите Кембриџ, позитивни ефекти скоро и да не се забележуваат, а нивото на знаење кое се дефинира и поимите кои се изучуваат, ни оддалеку не соодветствуваат на возраста на учениците ниту на нивните можности. Истото доведува до ситуација на упросечување на знаењето на едно ниско ниво. Голем е јазот од основно во средно училиште, несоодветството на наставните програми за основно и средно образование предизвикува недостаток на базични знаења неопходни за непречено одвивање на наставата во средните училишта. Потребно е на јавноста да и се признае кој, колку и каде е извршено анкетирање пред воведувањето на програмите Кембриџ. Дали воопшто постоело истражување и анализа, пишува во документот со заклучоците.
Наставниците бараат да се разгледа одново идејата за приемен испит за средно образование или мала матура. На таков начин, како што се тврди, ќе бидат пополнети капацитетите и за стручните училишта и би се развивале сите струки.
„Има сериозни пропусти во програмската корелација на наставните предмети, особено математика и физика, како и математика и хемија, посебно во средно училиште. Потребно е соодветно и навремено воведување и разработување на одредени математички содржини за нивна примена во другите предмети. Сериозни пропусти во подреденоста на математичките содржини во задолжителните и изборните предмети, се исто така дел од заклучоците.
Наставниците бараат ова прашање да се отвори и овие заклучоци да бидат разгледани.
