РЕФОРМИ ПО ПРИБЕ: Заев пред силен предизвик!
По најавата дека групата на високи
експерти предводени од Рајнхард Прибе повторно ќе ја посетат Македонија,
при што ќе ги скенираат областите поврзани со владеењето на правото,
надградувајќи го првичниот Извештај, Институтот за европска политика направи
преглед на досегашната имплементација
на итните реформски приоритети.
Оттаму велат дека е потребна деполитизација на назначувањето и унапредувањето на судии и обвинители, не само теоретски, туку и во практиката, врз основа на транспарентни, објективни критериуми, засновани строго на заслуга, применети со транспарентна и отворена постапка.
“Судскиот совет и Советот на јавни обвинители продолжија да избираат судии односно јавни обвинители без какви и да е суштински промени во начинот на избор. Со временото упатување на судии од Основните судови во државата во Основниот суд Скопје 1 и времено упатување за вршење на судска функција на седум судии од апелационите судии од внатрешноста на државата во Апелациониот суд Скопје, Судскиот совет имаше директно влијание врз структурата на судиите кои одлучуваа за предметите од висок профил кои ги покрена Јавното обвинителство. Со ваквите практики, доведени се во прашање основните принципи на дејствувањето на Советот како независна институција”- стои во прегледот на Институтот за европска политика.
Според нив мора да има воспоставување на усогласен систем за управување со учинокот, заснован и на квалитативни, освен на квантитативни стандарди, како основа за сите одлуки за кариера.
“Не се направени чекори за воспоставување усогласен систем за управување учинок кој ќе ги земе предвид и квалитативните критериуми. Судскиот совет ја продолжува практиката на донесување одлуки за утврдување ориентационен број на предмети што треба да ги реши судијата месечно во сите судови, како еден од клучните критериуми за учинокот. Да се отстранат оние елементи од системот за дисциплински постапки и разрешување на судиите кои сега ја нарушуваат судската независност, и во законодавството и во практиката” –велат од ЕПИ.
Наспроти реакциите на граѓанскиот сектор, како и мислењето на Венецијанската комисија за несоодветноста на Советот за утврдување факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, по брза постапка се донесе закон и се формираше Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за одговорност за судија. Оттука е потребно да се обезбеди професионалност на Судскиот совет, во практиката, а не само теоретски.
Академијата за судии и јавни обвинители внесе новини во курикулумот, има зголемен буџет и напредок во спроведувањето на обуките. Меѓутоа, улогата на Академијата во изборот на нови кандидати за судии и јавни обвинители се проблематизира.
“Да се зголеми проактивната улога на Судскиот совет и највисоките судови, за да се заштитат судиите од мешање во нивната независност. Судскиот совет не воспостави практика на заштита на независноста на судиите и нивниот интегритет. Врховниот суд како највисoк суд во државата дополнително ја загрозува судската независност. Досието на донесени одлуки по приговори на судиите укажува на спротивни практики. Напорите од типот на донесен Прирачник на Судскиот совет за комуникација на судовите со јавноста не резултираа со унапредена комуникација со јавноста и граѓанскиот сектор. Да се унапреди квалитетот на обуката, буџетот и автономијата на Академијата за судии и обвинители и да се поттикне испраќањето на национални судии на стаж”- се вели во прегледот.
Една од точките е и функционален судски и парламентарен надзор над следењето на комуникациите, да се обезбеди појасно одвојување на мандатите и прописите кои се однесуваат на следењето на комуникациите, да се отстрани посредничката функција на УБК како „чувар“ на активностите и да се отстрани директниот пристап на УБК до техничка опрема што овозможува следење на комуникацискиот сигнал на телекомуникациските оператори.
“Да се појасни во законот и во практиката како телекомуникациските оператори смеат да активираат и пренасочуваат сигнали кон надлежните агенции за спроведување на законот (полиција, царина, финансиска полиција), или безбедносните агенции (УБК, Агенција за разузнавање и Воената служба за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана) само со претходно добивање на релевантен судски налог и само за законско следење. Да се обезбеди соодветна обука на вработените за заштита на податоци, темелни права, професионална етика и интегритет. Не се создадени елементарни улсови за исполнување на овие приоритети”- се вели во прегледот на Институтот.
Во дел од препораките е потенцирано дека треба да се обезбеди доволна автономија на независните регулаторни, контролни и надзорни тела, не само теоретски туку и во практиката, со цел тие да дејствуваат ефективно и без политички притисок. Но од Институтот потенцираат дека нема напредок во оваа насока. Независните тела се во најголема мера под директно влијание на поранешната власт.
Меѓу другото се бара да се воспостави веродостојно досие за корупција на високо ниво, така што телата за спроведување на законот и надзорните тела да имаат доволно автономија да дејствуваат независно во согласност со законот. Веродостојноста на сегашното досие сметаат дека е нарушена поради отсуство на одреден број предмети од висок профил од претходните години.
“Дејствувањето на специјалното јавно обвинителство е чекор во оваа насока. Меѓутоа, досегашната опструкција од институциите и практика на судовите во однос на предлозите на СЈО укажа на сериозно влијание на поранешната власт за спречување на спроведувањето на правдата. Целокупната борба против корупција треба да биде зајакната. Државните органи надлежни за превенирање и спречување на корупцијата практично ја штитеа високата корупција, со исклучок на Специјалното јавно обвинителство. Државната комисја за спречување на корупцијата не ја остварува својата функција. Според истражувањето на Институтот за европска политика и Хелсиншкот комитет за човекови права во рамките на проектот „Мрежа 23 +“ 60 % од исптаниците сметаат дека борбата против корупцијата е на ниско ниво, а 47 % од нив како лоша ја оценуваат состојбата во правосудството”- велат од Институтот за европска политика.
Дополнително нотирана е потребата за да се подобри проверката на изјавите за конфликт на интереси и анкетните листови на избраните и именуваните функционери преку воспоставување на централен регистар на такви лица.
“Не се објавени анкетните листови на членовите на ДКСК, а повеќе покренати случаи во јавноста не се процесуирани (случајот на пет директори на национални, културни установи и институции кои немаат доставено анкетни листови за својата имотна состојба, иако подолг период се раководни лица). Во наредиот период станува актуелно објавувањето на анектните листови на новоизбраните и именувани функционери”- стои во анализата.
Една од точките е и деполитизација на јавната администрација бидејќи наспроти формалната рамка, во практиката продолжи партизацијата на јавната администрација, а политиките за вработување треба да ги следат принципите на транспарентност, заслуга и правична застапеност во јавната служба преку отворени постапки. Оттаму сметаат дека не треба да има понатамошни вработувања без почитување на правилата..
Упадот и насилствата во Собранието на крвавиот четврток и физичките напади врз пратениците од новоформираното мнозинство, кои можат да се квалификуваат и како обид за убиство покажаа дека не само што не се почитувани наодите и препораките на Анкетната комисија, туку дека обезбедувањето во Собранието било под целосна партиска контрола на поранешната владеачка партија. Оттука забележуваат од Институтот во изминатиот период поактуелни станаа други видови на напади на новинарите, кои беа цел и на упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
С.Б.