Реформаторот Богданов: Институциите да утврдат кој за какво насилство е одговорен
ВМРО-ДПМНЕ под водство на Никола Груевски и натаму води нерационални потези обидувајќи се да создаде нови тензии во општеството со пренагласените критики за правната постапка против 36 лица за кои се води истрага во однос на насилствата во Собранието на Република Македонија. Неразумните обвинувања доведоа до слаб одзив на протестите и мала поддршка за потезите на Груевски по што тој најави дека наскоро ќе си поднесе оставка. За сите овие настани разговараме со Костадин Богданов кој по професија е адвокат и многу добро го познава правото како и заштитата на основните човекови права, а и е дел од „Реформаторите“ односно групата во ВМРО-ДПМНЕ која бара внатрешни реформи преку носење на нов Статут и избор на ново раководство.
Со него за истрагата, правните квалификации, како и тоа дали има политички реваншизам разговараше Христијан Станоевиќ
Фактор: Јавното обвинителство истрагата за насилствата во Собранието ја базира на кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Дали според вас како правник станува збор за издржана квалификација?
Квалификацијата на делото по член 313 од КЗ е навистина тешка квалификација која има предвидено една од најстрогите казни во КЗ, се разбира доколку се докаже вината. Навистина незнам со какви се докази во моментов располага обвинителството, или какви се докази ќе произлезат во иднина преку истрагата во контекст на оваа правна квалификација, но едно сум сигурен, а тоа е дека ќе му биде извонредно тешко на обвинителот да го докаже истото пред Судот. Ова особено имајќи го во предвид бројот на лица кои се сомничат како сторители на истото, но и битието на самото дело кое подразбира висок степен на меѓусебна организираност, договор, координација и планирање од страна на извршителите со единствена намера и цел- да се загрози уставниот поредок или безбедноста. Но, таа намера или договор кај секој од осомничените обвинителот ќе мора да ги докажува со директни докази, односно тешко веројатно ќе помине доколку обвиниението се гради само врз посредни докази или посредни заклучоци кои произлегуваат од одредени различни поединечни дејствија превземени од секој осомничен посебно. Оттука сум речиси сигурен дека за голем број од осомничените, во текот на судската постапка, ќе следува преквалификација на делото во некое друго дело или дела казниви со поблага казна. Познавајќи ги лично дел од осомничените, мислам дека кај поголемиот број од нив не постоела намера да се загрози уставниот поредок или безбедноста како што бара член 313 од КЗ, ниту пак свесно биле дел од едно такво организирано и координирано дејствување, ниту пак прифатиле свесно било каква улога во некаков план. Но да почекаме да видиме што ќе произлезе од истрагата.

Фактор: Дали сметате дека истрагата како и барањето за притвор за 36 лица следува по промените во Јавното обвинителство на Република Македонија кое подолг период трпеше критики дека не презема доволно чекори за да ги расветли настаните и дали се сложувате со опозицијата дека станува збор за политички прогон од страна на новата власт?
Искрено не верувам во тоа. Самиот предмет се подведува како многу сложен предмет, со голем број осомничени, со тешка квалификација, така што сам по себе очигледно бара извонреден напор, време и енергија за да се придвижи од една фаза во друга. Веројатно обвинителството работело детално изминатиот период во прибирање на доказниот материјал, и тоа е неспорно со оглед на правната квалификација со кое излезе барањето за отворање на истрага. Некои драстични промени во структурата на обвинителството не гледам, така да тоа се истите обвинители на исти позиции кои беа таму и мината година и пред пет години...Дотолку повеќе што обвинителство излезе со соопштение некаде на крајот од месец мај дека постојат основи за сомневање дека на 27 април се сторени повеќе кривични дела во Собранието. Временскиот период од 5-6 месеци на предистражна постапка за една ваква тешка квалификација на делото по член 313 од КЗ, не е значителен за да биде критикуван. Она што повеќе загрижува е праксата на изрекување на мерката притвор која навистина тешко може да се оправда во овој случај под овие околности по било кој од основите. Сепак постои во ЗКП една широка лепеза на други, помалку инванзивни мерки со кои може да се обезбеди правилен тек на постапката.
Фактор: Зошто за исто дело и во иста постапка се ставени полициските функционери и службеници за кои постои сомневање дека не преземале дејствија на 27 април заедно со организаторите на протестите, пратениците за кои постои сомнеж дека ги отвориле вратите на Собранието одвнатре како и директните учесници во насилствата?
Како што кажав и претходно, едно такво дело во волку тежок облик може да опстои само доколку обвинителството докаже дека постоела цврста организација и координација помеѓу различните учесници, во различни улоги, со меѓусебни планови на дејствување и координација пред и за време на настаните со единствена намера и цел, а тоа е да се загрози уставниот поредок или безбедноста на државата. Затоа и кажав дека не сум убеден дека кај сите осомничени имало свест и умисла да учествуваат во такво нешто, или пак свесно го прифатиле или се согласиле со такви дејствија насочени кон таа цел. Тоа верувам дека истрагата ќе го покаже.
Фактор: Дали реформаторите ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ на протестите кои веќе се одржуваат и дали се сложувате со партиските тврдења дека политичкото насилство како што велат тие биле одговорено со физичко насилство?
Одлуката за блокирање на неколку крстосници низ Скопје, колку јас што знам, не е донесена низ надлежните тела на партијата. За истата немало дебата внатре во партијата низ која би се донеле соодветни заклучоци за целисходноста од една таква постапка. Мојот личен став е дека секој патриот треба да верува во институциите на системот на својата татковина. Сметам дека треба да оставиме на институциите на системот да утврдат кој за какво насилство е одговорен, во една правична постапка, со целосна почит кон презумпцијата на невиност и без злоупотреба на притворот како мерка.

Фактор: Сметате ли дека покренувањето на овој случај може да доведе до нови тензии во општеството, особено со шпекулациите дека ќе има нови апсења за кои опозицијата како и за досегашните ќе тврди дека се политички мотивирани со цел да добие поголема поддршка од симпатизерите?
Се надевам дека ќе нема посериозни тензии. Јавноста очекува правда и владеење на правото, и тоа мора да се случи. Доколку се тргне во спиралата на политички мотивирани процеси, одново ќе загубиме неколку години на патот кон ЕУ и НАТО, и на патот кон градење на една современа демократска држава во која владее правото и се почитуваат човековите права, и во која треба да живеат утре и нашите деца. Политичкиот реваншизам и политички мотивираните процеси во овој момент би биле најголемото предавство кон државата и кон пошироката јавност.
Фактор: Што е следниот чекор на групата „Реформатори“, дали ќе продолжите со вашите барања и како би ги реализирале истите?
Ние очекуваме во најскоро време, а заради своите погрешни политики, раководството да понесе одговорност и поднесе оставка од функциите. Мора да се дозволи во партијата да влезе нова енергија која ќе ја рестартира партијата и ќе го врати оптимизмот кај сите членови за нови победи на ВМРО ДПМНЕ во иднина, но и за силна опозиција во овој момент особено поради начинот на кој СДСМ започна да ја практикува власта кон членовите на ВМРО ДПМНЕ во помалите средини по локалните избори.
Новата енергија може да се вбризга само преку еден демократски, слободен и обединувачки вонреден конгрес на партијата на кој членовите на партијата ќе го изберат својот иден лидер. По што истовремено ќе следува процесот на измена на статутот, враќање на партијата назад во рацете на членовите, но и реизбор на локалните органи врз основа на новиот Статут.
Во овој момент на партијата и е потребно лидерство кое ќе биде препознаено како кредибилно од членовите на партијата, од јавноста пошироко, но и од меѓународниот фактор и албанскиот фактор во смисла на тоа што ќе мора во најкраток временски период да ги возобнови овие два срушените моста, доколку се разбира целта е ВМРО ДПМНЕ одново да биде владејачка партија. Со еден збор, тоа мора да бидат луѓе кои во најмала рака ќе успеат да ги вратат назад во партијата гласовите на 150.000 членови или симпатизери на партијата кои си заминаа од сегашното лидерство. Во таа насока секој обид за “приватен” конгрес на партијата заради поставување на “кукла лидер”, особено некој кој сега е на висока партиска функција и поради кој практично си заминаа огромен број на членови и гласови, само дополнително ќе ја зароби партијата во опозиција. Само слободен, демократски и обединувачки конгрес на ВМРО ДПМНЕ ќе може да го означи почетокот на новата ера во ВМРО ДПМНЕ, ера во која пртијата повторно ќе се врати на власт.
