„Реформаторите“ со осум столба ги удрија темелите на новото, реформирано и подобро ВМРО-ДПМНЕ
Реформаторите во ВМРО ДПМНЕ преку Декларацијата за „Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Македонија“ ги поставија телемите за како што велат новото, реформирано и подобро ВМРО-ДПМНЕ.
Презентирајќи и ја на јавноста декларацијата сочинета од осум столба Александар Михајлоски во име на реформаторите посочи дека граѓани и членови на ВМРО ДПМНЕ секојдневно им даваат поддршка и се приклучуваат кон Иницијативата за реформи.
Декларацијата „Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Македонија“ содржи осум столба а во продолжение ви ги пренесуваме.
„Првиот столб е Одговорното управување. Правиме голем исчекор кон иднината со тоа што ги отфрламе термините „власт“ и „владеење“. Никој никого не може да „владее“ ниту да „воспоставува власт“. Сите граѓани во Република Македонија се еднакви. Наместо тоа, воведуваме „Одговорно управување“ како термин и начин на работа кој подразбира целиот капацитет што го има партијата да се стави во служба на граѓаните.
Вториот столб е личната слобода и слободата на општеството. Веруваме дека државата има единствена улога да создаде услови кои ќе овозможат на индивидуата да го реализира целиот свој потенцијал. ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори ревносно за целосна слобода на говорот, слобода на медиумите, слобода на критичката мисла, слобода на изразувањето.
Третиот и многу битен столб е градење на култура на законитост. Владеење на правото, како императив во демократска држава, подразбира многу повеќе отколку почитување на законите. Тоа значи и развиена свесност за потребата од општество во кое ќе се почитуваат и спроведуваат закони, но пред сè закони кои ќе бидат праведни и правични, а нивното спроведување ќе биде ефикасно и неселективно. Уставниот поредок мора да биде почитуван и врз истиот да се гради систем кој ќе значи еднаквост на сите граѓани пред законите и ќе гарантира фер постапки пред судовите.
Четврто – Политички дијалог. Заедничка одговорност на сите политички партии и други чинители во општеството, како што се граѓанските организации, е да има отворен дијалог во кој ќе се разменуваат мислења и ќе се одвива натпревар за тоа што е најдобро за граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде доверлив партнер и конструктивна сила со висок капацитет, без разлика дали во позиција или во опозиција. Веруваме дека сите заедно треба да градиме дијалог и дискусија, во интерес на напредокот на Република Македонија.
Петто - Интеграција во Европската унија и НАТО Алијансата. Република Македонија припаѓа во Европското семејство. Статутарната определба на ВМРО-ДПМНЕ за интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО е врвен приоритет при утврдувањето на политики и носењето на одлуки. Вклучувањето во ЕУ и НАТО се долготрајни процеси кои бараат вистинска посветеност, поради што ќе го вложиме целиот наш капацитет во што побрзо и поквалитетно исполнување на критериумите за членство.
Шестиот столб е Економскиот развој. Добриот живот на граѓаните подразбира и развиена и стабилна економија. Сигурност на бизнисот, гарантирана од државата, воспоставување на партнерски однос помеѓу државата и приватниот сектор. Ќе продолжиме да ги промовираме политиките на ниски даноци, дерегулација на стопанството, поттикнување на претпримаштвото, и подобрување на стандардот на граѓаните. Службите на државата треба да имаат повеќе корективна и поддржувачка улога, а помалку казнена. Република Македонија ќе има одговорно трошење на јавните финансии, сеопфатно стратешко планирање, сериозна буџетска контрола и буџетска дисциплина.
Седма точка се образованието и културата. ВМРО-ДПМНЕ постојано ќе вложува во подигање на нивото на образование на сите нивоа. Да ги задржиме младите квалитетно образовани кадри да работат во Република Македонија, а тоа ќе значи дека работат за напредок на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заштитник на богатото културно наследство кое е препознатливо и автентично во светот, а воедно и развивање и негување на културата во сите нејзини сегменти.
Последна, осма точка се однесува на здравството и животната средина. Не смее да има компромиси и отстапки во создавањето на здравствен систем кој ќе обезбеди грижа за сите, како и здрава животна средина која е предуслов за подобар квалитет на живот. Спрема животната средина ќе градиме однос како кон неопходно потребен ресурс, кој треба да се зачува со цел да имаме подобар живот за себе и истовремено да придонесеме кон глобалните предизвици во оваа област. Нема да има дилеми за врвните приоритети, како тоа дека секој граѓанин на Република Македонија заслужува да дише чист воздух и да има чиста и здрава животна средина.
Ова се столбовите кои ќе ги носат промените Република Македонија да стане европска држава, како во смисла на интеграција во Европската Унија, така и во поглед на вредностите кои ги негува и квалитетот на животот што ќе се овозможи за граѓаните“.
„Убедени сме дека реформирано, со вакви вредности, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие поддршката од мнозинството граѓани во Република Македонија за новиот пат кон подобар живот за сите граѓани.
Европско ВМРО-ДПМНЕ ќе значи и Европска Македонија, таква каква што сакаат да ја видат сите граѓани“, посочи еден од реформаторите .
