Ребаланс - Скратени непотребни трошоци, намалени проекции и за приходите и за расходите
Денеска Владата донесе одлука за ребаланс на буџетот чија главна цел беше да се скратата непотребните трошоци и да се обезбеди непречено функционирање на државната каса, но намалувањето изнесува само 47 милиони евра. Се што преостанува на трезорската сметка или ќе се пренамени или пак, ќе мора да се искористи за почитување на сите претходно договорени обврски кои ги направила владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проекцијата на приходите е намалена од 187,6 милијарди денари на 184,7 милијарди денари. Кај расходите, проекцијата е намалена од 206,2 на 203,3 милијарди денари, а дефицитот останува проектиран на 18,6 милијарди денари или 2,9 отсто од БДП“, кажа Заев.
Премиерот смета дека ова не е нов буџет, туку само кратење на тоа што е непотребно и пренасочување на дел од средствата за итни мерки.
„Основиот инструмент беше кратење на непродуктивни трошоци. Ребалансот не е нов буџет, станува збор за адаптација и ваквото прилагодување е направено со приходи сведени на реални очекување, а дефицитот не е променет. Проекцијата на претходната влада била раст на БДП од 3% , но имајќи предвид дека растот беше 0% во првиот квартал, нашите проекции се 2,2% до крајот на годината. Светската банка предвидува 2,8% раст, а Народна банка предвидуваше 2,7%“, вели Заев.
Со ребалансот ќе се опфатат стечајните рабтниците, како и субвенциите за зголемување не минималната плата на 12.000 денари од 1 септември. Со минималната плата треба да бидат опфатени 70 илјади граѓани. Премиерот рече дека досега е откриен скриен долг кон стопанството од 400 милиони евра но тој долг се очекува да расте, затоа што не се „детектирани“ сè уште сите долгови. - Нема потреба за загриженост. Ќе ги продолжиме и ќе ги завршиме капиталните инвестиции, ќе ги доизградиме салите и училиштата што се почнати. Почнавме да ги решаваме проблемите со автопатот, а ќе почнеме и со изградба на други патишта кои воопшто не се почнати - рече премиерот.
Зоран Заев кажа дека ребалансот на Буџетот е доставен и архивиран во Собранието и очекува да помине во редовна процедура во наредниот месец.
