Реакција од „Меѓаши“: Радмила Шекеринска да не ги тера децата да пишуваат есеи за НАТО
Првата детска амбасада „Меѓаши“ ја повика министерката за одбрана Радмила Шекеринска да не ги поттикнува учениците да пишуваат есеи за 70-годишнината од формирањето на НАТО, бидејќи како што велат од таму, тоа е воен сојуз, а децата треба да учат за мирот.
„Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги повикува учениците да се вклучат во пишувањето на есеи преку својот фејсбук профил притоа непотенцирајќи дали да пишуваат за последиците или за причините за формирање, за позитивните ефекти или негативните или пак за статистиките на загинати деца во конфликтите во кои учествувала алијансата? Можеби се работи за тема која ќе ја разбуди емпатијата кај средношколците и би пишувале за децата чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или пак за животот на родители по загубата на дете во еден таков воен конфликт од кој НАТО било дел“, се вели во реакцијата на „Меѓаши“.
Од таму сметаат дека темата на конкурсот не би требало да опфаќа деца уште од предучилишна возраст бидејќи на тој начин се индоктринираат уште од мали нозе
„Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ остро реагира на активноста на „ГАУС институт – фондација за нови технологии, иноваации и трасфер на знаење“ на последната активност за одбележување на годишнинаната на НАТО алијансата во основните и средните училишта. Формата е класичен начин на одбележување на годишнина преку раскази, есеи и цртежи каде се дава можност дури и за критики, но сепак забележлив е позитивниот контекст кој се дава на НАТО алијансата и одбележување на годишнината“, тврдат од детската амбасада.
Велат дека се согласуваат со јавните критиките упатени кон оваа манифестација, особено со ставовите и прашањата на Илија Ацески, професор на студиите по социологија при УКИМ кој прашува колкав е степенот на информираност на децата за да восприемат и да се идентификуваат со претставите, значењето и потребите за постоење на некаква воена алијанса.
