Економија, финансии, бизнис

Контакт

Реакција на ТИРЗ на текст објавен на порталот Фактор

Реакција на ТИРЗ на текст објавен на порталот Фактор

Дирекцијата за ТИРЗ реагира на текстот со наслов „Владата со државна помош спасува американски инвеститор со загуби во Македонија“ објавен на порталот Фактор.

Прво, станува збор за реномиран американски производител на системи за шински возила, што е присутен во повеќе од 50 држави во Светот, вработува над 27.000 луѓе и остварува глобални приходи над 8,5 милијарди долари (податок од 2022 година). Компанијата е присутна во С.Македонија повеќе од 10 години, сопственик на глобалниот бренд General Electric, котира на берзата во Њујорк (САД) и е дел од друштвото на Fortune 500 компании во Светот.

Во јануари 2022 година оваа компанија достави свое Писмо за намери до Дирекцијата за ТИРЗ за целосно нов капацитет во ТИРЗ Скопје 2, со планиран износ на инвестиции од над 30 милиони евра во нови технологии, како и креирање на дополнителни работни места, со што вкупниот број на вработени би надминал 400.

Дирекцијата за ТИРЗ се обрати соодветно до Комисијата за заштита на конкуренција и во мај истата година добиено е Решение со кое се одобрува доделување на државна помош, што е сосема спротивно од наведеното во текстот на порталот.

Од страна на инвеститорот, како и од Дирекцијата за ТИРЗ до Комисијата е доставена забелешка во однос на предвидениот услов за доделување на помошта – задржување на постојниот објект надвор од зоната. Ова од причина што ваков услов не е предвиден во ниту еден закон што го регулира доделувањето на државната помош и по мислење и на инвеститорот, креира состојба на правна несигурност. Законот за ТИРЗ (конкретно член 9, став 1, точка 1) прецизно предвидува дека компаниите што префрлаат дејност од друго подрачје на државата во ТИРЗ не можат да користат даночни ослободувања. Договорот за државна помош на компанијата Вабтек, за кој Комисијата издаде Решение со кое се одобрува доделување на државна помош, не предвидува никакви даночни ослободувања.

И по ваквото укажување и барање од наша страна за бришење на незаконскиот услов од Решението, Комисијата за заштита на конкуренцијата ја упати Дирекцијата за ТИРЗ за покренување на соодветна постапка пред Управниот Суд, што е сторено во јуни 2023г. Управниот суд во јануари 2024г. го прогласи Решението за ништовно и ја потврди основаноста на оспорувањето на законитоста на Решението поради погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право. Судот ја задолжи Комисијата да постапи согласно донесената пресуда.

Во однос на државната помош напоменуваме дека истата не се доделува за опрема која веќе ја користи инвеститорот, ниту за постојните работни места. Државна поддршка ќе се додели исклучиво за нов објект, нова опрема и нови работни места, како што е предвидено со самиот договор и тоа откако инвеститорот ќе ги исполни своите обврски, односно ќе ги реализира вложувањата согласно доставениот Деловен план. Истото е редовна пракса на Дирекцијата за ТИРЗ при сите договори за државна помош, без исклучок.

Земајќи го предвид сето предходно, сметаме дека насловот и објавениот текст се сосема несоодветни на реалната ситуација и факти. Дополнително, со одредени констатации и заклучоци се оправдува непостапувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата по однос на донесена судска одлука. 

Водени од интересот на државата и граѓаните, Дирекцијата за ТИРЗ очекува, без понатамошно одлагање, Комисијата да донесе ново Решение со кое ќе се овозможи реализација на оваа инвестиција во рамки на постојната регулатива, без дополнителни условувања кои создаваат правна несигурност. Со ова јасно ќе се потврди дека ниту една државна институција не е над законот, како и дека судските пресуди како што важат за граѓаните, исто важат и за државните институциите, без разлика дали се регулаторни тела или дел од извршната власт.

Со итното постапување, очекуваме и да се намалат ризиците од редефинирање на плановите на овој инвеститор, кои се поттикнати и од неразумно долгиот период на постапување од страна на институциите. Токму институциите, како и сите општествени чинители, треба да поттикнуваат раст и создавање на работни места, а не истите да ги доведуваат под ризик. Во конкретниот случај, зборуваме за егзистенцијата на најмалку 400 наши сограѓани и нивните семејства.


Слично

Поврзани вести