РЕАКЦИИ ПО СРЕДБАТА ЗАЕВ-ЦИПРАС: Еден политичар нема проблем да се викаме Северна Грција
Средбата меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос поттикна низа реакции во Атина.
Грчката опозициска партија „Нова демократија“ истакна дека за да се постигне решение за комплексни прашања, потребно е да се отстрани иредентизмот и да се промени Уставот на нашата земја.Тие обвинија дека премиерот Ципрас, преговара со Македонија против националните интереси на Грција.
„Целосно го оправдуваме грчкиот народ, што не и верува на оваа Влада. Ни јас не верувам дека се занимавате со ова критично прашање, затоа што тоа што сакате вие да го постигнете е да го користете за политички поени“ – изјави Кирјакос Мицотакис – претседател на „Нова Демократија”
Веднаш по средбата меѓу премиерите, шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас преку статус на Твитер соопшти дека се става крај на иредентизмот и дека се создаваат услови за добрососедство.
Во дискусиите за решавање на спорот за името на Македонија се вклучи и кипарскиот претседател, Никос Анастасијадис со изјава дека не е толку важно како ќе се вика земјата, туку да се обезбеди дека нејзиниот Устав „не сугерира иредентистички цели“.
„Ако имаше начин да се надминат уставните членови кои покажуваат иредентизам, тогаш името не е важно“, ја пренесува „Катимерини“ изјавата на Анастасијадис за Радио Прото.
Тој вели дека не би имал проблем ни кога земјата би сакала да се вика Северна Грција.
