Реакции и демант за паузата на жичницата на Водно: Граѓаните се жалеа, ЈСП вели дека се било според правилата
Пауза во работењето на жичницата на Водно во неделата предизвика реакции кај дел од граѓаните кои сакале да се искачат на врвот, тврдејќи дека биле принудени да чекаат и покрај тоа што, според нив, во викендите не се предвидени прекини.
Граѓаните посочуваат дека околу 11:30 часот, кога на Средно Водно имало повеќе посетители, вработените ја затвориле оградата за влез и направиле пауза, поради што се создала гужва пред кабините. Дел од нив реагирале дека не биле навремено информирани, а чекањето, особено со мали деца и на ниски температури, го оцениле како некоректно.
Од ЈСП Скопје, пак, со демант информираат дека станува збор за неточно толкување на работното време и дека жичницата „Милениумски крст“ работи според јасно утврден режим кој со години се применува. Од претпријатието објаснуваат дека по 30 минути ефективно работење следува пауза од 30 минути, од економски причини, кога нема голема посетеност, а дека при зголемен број патници жичницата сообраќа континуирано.
„Според нашата евиденција за продадени билети, во конкретниот период не е евидентирана поголема гужва, поради што паузата била спроведена согласно правилата“, наведуваат од ЈСП, додавајќи дека ваквиот режим е во согласност со Одлуката за работно време на објектот и е јасно истакнат на информативните табли на Средно Водно и на врвот.
Од ЈСП потсетуваат и дека жичницата не работи секој понеделник и секој последен вторник во месецот, поради редовни сервисни активности.
Во однос на забелешките за оштетени транспортери за миленици, од претпријатието информираат дека на располагање се два транспортера за кучиња од мал и среден раст, како и можност за превоз на куче-придружник за лица со попреченост, согласно одлука на Управниот одбор.
И покрај реакциите, од ЈСП нагласуваат дека интересот за користење на жичницата е голем и дека само за време на викендите во овој период од годината, околу 3.000 лица ја користеле услугата, што, како што велат, го потврдува значењето на жичницата за граѓаните и туристите.
