Разрешувањето на Зврлевски „чека ред“ во Собранието
Вчерашниот собраниски ден заврши со исцрпни дебати за избор на Спасе Глигоров за директор на Агенцијата за администрација.
Опозиционерите најмногу дебата посветија на овој предлог кој според нив е незаконски. Пратениците од редот на ВМРО ДПМНЕ велат дека со ова што го предлагаат Глигоров, кој имал долгогодишно искуство во општината Струмица СДСМ и власта прават партизација.
Од владеачката партија пак ги потсетија колегите од ВМРО ДПМНЕ дека досега сите меѓународни анализи, извештаи и институции констатирале целосна партизација на администрацијата и заробеност на Македонија како држава.
На денешниот дневен ред на Собранието е разрешувањето на актуелниот јавен обвинител Марко Зврлевски кој во јавноста важи за еден од најголемите послушници на претходната власт.
Владата констатираше дека тој незаконски, ненавремено и недоволно стручно ја извршувал работата и затоа предложи негово разрешување при што доби зелено светло од советот на јавни обвинители.
Вчера опозиционерите пак побараа по брза постапка да се направат измени во законот и да се протрука предлогот јавниот обвинител да го предлагаат пратеници од опозицијата и истиот да се гласа со двотретинско наместо со просто мнозинство.
Кој ќе го смени Зврлевски засега е неизвесно.
