РАЗРЕШУВАЊЕ: Хамиди повеќе не е извршен директор на М-НАВ
Досегашниот директор на М-НАВ и претседател на Управниот одбор, Фахрудин Хамиди е разрешен од функцијата. На денешната владина седница Владата го разреши и вториот директор, Љубе Стаменковски, инструкторот кој застана на страната на колегите инженери и инструктори кога си дадоа оставка на раководните функции во секторот воздухопловна техника, поради незаконскиот оглас за вработување спроведен од Хамиди, објави СДК.
Пренесуваат дека со смената на Фахрудин Хамиди, најавениот штрајк на контролорите на летање за утре, се става во мирување.
Владата на истата седница на која првично го утврди Илир Мехмеди за предлог за член на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација во М-НАВ, во меѓувреме, го преиначила заклучокот и го утврдила Хекуран Асани за кандидат за таа позиција.
Промената доаѓа откако стана јасно дека Мехмеди не ги исполнува условите за функцијата за која го предлага Владата затоа што нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту, пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор.
Новиот предлог – Хекуран Асани, е активен контролор на летање во М-НАВ и, според проверките, ги исполнува барањата наведени во член 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ.
