РАЗМИСЛУВААТ ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА МЕШТАНИТЕ: Општината Чучер Сандево бара Владата да прогласи вонредна состојба
Општината Чучер Сандево свика вонредна седница и бара од Владата да прогласи вонредна состојба во општината поради пожарот кој се шири во населените места Глуво, Чучер, Кучевиште и Блаце.
Велат дека противпожарната механизација присутна на терен не е доволна за справување со пожарите. Од општината испратиле предлог и за меѓународна помош, а размислуваат и за евакуација на мештаните.
„Нема реална опасност од ширење на пожарот над селото Чучер и нема потреба од паника, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Министерството за внатрешни работи известува дека почна наизменично пропуштање на возила на патниот правец Стенковец-ГП Блаце, во едниот, па во другиот правец. Од таму апелираат до граѓаните, доколку тоа не е неопходно, да не тргнуваат кон ГП Блаце.
