РАЗЛИЧНИ СТАВОВИ: Повеќе партии се огласија за поканата од НАТО
Oд ДУИ велат дека добивањето покана за членство во НАТО претставува големо и исклучително важно постигнување за сигурна иднина на нашата земја. Според нив, целосната интеграција на нашата земја, но и на регионот во НАТО овозможува безбедност, стабилност, одржлив мир, добри меѓуетнички односи, економски развој и општествена благосостојба.
И Демократската Партија на Албанците ја поздрави одлуката од Самитот на НАТО во Брисел. Додаваат дека спроведувањето на Договорот за името со Грција останува предуслов, па затоа од партијата додаваат дека максимално ќе се залагаат процесот да заврши успешно.
Поинаков став имаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога доаѓаа на власт беа најгласни дека додека немало правда, немало мир, не се колебаа да ги злоупотребат семејните и другите лични трагедии. И не им беше тешко да уриваат, да уништуваат. Да деградираат цел еден систем. Отровот кој се посеа во општеството предизвика омраза, завист и нетрпеливост. Ветуваа чуда, а сега кога се на власт молчат за неправдите, ладнокрвните убиства ги третираат како статистичка евиденција во црните билтени, за владата тоа се обични насилства, а не свирепи убиства“- изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој потенцираше дека „Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО, а нема затоа што имаме неспособна влада“.
Обединети за Македонија со писмено соопштение ја поздравија поканата од НАТО за Македонија.
Движењето Беса ја поздрави одлуката на НАТО за покана за почеток на преговори за членство на Македонија во Алијансата.
„Движењето Беса како опозициска партија ќе се ангажира во помагање на патот и исполнување на сите услови од кои зависи процесот за членување. Повеќе од важно е овој процес да биде што поопфатен и поддржан од значително мнозинство граѓани во земјата“- велат од партијата.
Движењето Беса го повикува премиерот да има поинклузивен пристап и да го интензивира дијалогот со опозициските партии.
