„Разговори за иднината во 12:05“ – членови на СДСМ повикуваат на широк опозициски потенцијал за промени, Филипче им одговори
Членови на СДСМ и активисти повикуваат на широк опозициски потенцијал за промени.
Под името „Разговори за иднината во 12:05“ денеска е промовирана нова демократска платформа со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава. Времето на часовникот испраќа јасна порака – веќе е доцна.
Учесниците на денешните разговори заеднички дефинирале неколку заклучоци за моменталната општествено-политичка состојба.
Од платформата велат дека на прогресивната демократска јавност ѝ е потребна суштинска и објективна дебата, која мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските лидери.
„Граѓаните денес живеат во реалност каде власта е неефикасна, а за свој наводен политички противник свесно си избира ‘виртуелна опозиција’. Сите истражувања на јавното мнение укажуваат дека македонската политичка сцена нуди, на едната страна силна владејачка партија и коалиција, а на другата страна смислено фрагментирана опозиција“, се дел од заклучоците што се наведени во соопштението.
Според учесниците, опозицискиот простор не треба да се пополнува со формирање нови партии, туку со длабока идеолошка и вредносна (р)еволуција.
Тие сметаат дека на Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал кој ќе донесе промени.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја нападна новата политичка иницијатива „Разговори за иднината во 12.05“, велејќи дека „е фејк“.
„Ние знаеме што е ова. И знаеме зошто се прави. Постои Фронтот за вистина и правда. Сè друго е фејк. Наместо да одат на таков собир, нека го отворат Фејсбук профилот на Латас, нека ја вклучат Алфа ТВ – таму имаат доволно „различно мислење“ кое секојдневно го труе народот со лаги, со измислени непријатели на Македонија, на идентитетот, јазикот и на културата“, рече Филипче во изјава за Дојче веле.
СДСМ ја нарече иницијативата „проектот ЗНАМ 2.0“.„Додека вчера овие луѓе беа ништо – без структура, без име, без јасна порака, денес одеднаш излегуваат со „јасна платформа за иднината на Мицкоски“. Ова не е случајност. Ова е проектот ЗНАМ 2.0. Мицкоски прво се обиде да ја провлече оваа платформа преку СДСМ, за да создаде поделба внатре во партијата. Кога тоа не му успеа, сега го прави самостојно. Го лансира новиот Максим Димитриевски и неговата екипа“, соопшти СДСМ.
И Филипче исто така ја нападна ЗНАМ.
foto printskrin
