Разговор со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп: Музејот на дрогата и Музејот на сексот се атракција во Амстердам
Г. Дирк Јан веќе три години работи во Македонија (Скопје) како холандски амбасадор, дипломатски претставник од прв степен, а претходно ја претставувал својата држава и во Казахстан (Нур Султан) и во Австрија (Виена) и во Јапонија (Осака) и во Русија (Москва и Санкт Петербург), од 1986-та. Дипломатската служба во Македонија или поинаку, мандатот во Скопје го опишува дескриптивно, како пријатен и голем предизвик што поттикнува на желба, стремеж да се помогне на РСМ да стане членка на ЕУ, под услов: да се завршат реформските процеси.
Разговорот со него е сеопфатен или поточно, ги опфативме и Холандија и Холанѓаните чиј прагматизам, либералноста и демократските принципи се главни, водечки идеи, поими за среќен живот и Македонија и Македонците, вклучително и менталитетот и расфрленото ѓубре, сосема неизбежно. Патем не ја скри воодушевеноста од традиционалниот деликатес - ајварот и неговата подготовка среде октомври, десетици тегли за семејството, пријателите.., од македонските вина, признавајќи дека се подобри од холандските. А, прилепскиот мермер, оној белиот - сигурно ќе купи нешто од него, за спомен.
Во продолжение.., за билатералните односи меѓу нашата земја и Холандското Кралство, за инвестициите, за гурманлакот, за патувањата со МГБ од 1964-та и неминовно, за иднината кога е Македонија во прашање и ЕУ. Неговата екселенција, амбасадорот Коп е прагматичен реалист, во секој поглед.

ММ: Ваша екселенцијо, веќе три години работите во Македонија како холандски амбасадор, дипломатски претставник од прв степен. Кажете ми како се чувствувате тука, какво е Вашето досегашно искуство (лично, работно), импресијата околу престојот и работата во нашата земја? Има сличности меѓу нас - македонскиот народ и Холанѓаните? А, кои се различностите?
Д. Ј. К.:За мене, ова е навистина пријатен мандат, и лично и професионално. Добро е да се живее во демократска земја со слободни и разновидни медиуми. Да ѝ се помага на Северна Македонија да стане членка на ЕУ за неколку години е интересна работа која има и свои предизвици. Она што е лесно и охрабрувачки е дека нашите интереси во овој поглед се исти. Ми помага и тоа што комуникацијата се одвива лесно и брзо се доаѓа до луѓето со кои треба да бидам во контакт. Една од сличностите меѓу нас е тоа дека во суштина ние сме Европејци повеќе од што било друго. Разликата е во тоа што имате прекрасна држава, но се чини дека никому не му пречи тоа што има ѓубре расфрлено секаде. Тоа е тажно. По тоа се разликувате не само од нас, туку и од вашите директни соседи. И за крај, климата и вашето вино се многу подобри откај нас.
ММ: Долго сте во дипломатијата. Колку време, години? Како течеше кариерниот развој, како изгледаше тој пред Вашето назначување за холандски амбасадор во Македонија? Овој е Ваш последен мандат или..? Согласно законот во Холандија за надворешни работи, секако. Дипломатската служба има возрасна граница, колкава е таа?
Д. Ј. К.: Студирав право и го отслужив воениот рок, таму научив и руски јазик. Од 1986 година сум вработен во холандското Министерство за надворешни работи на неколку работни места (како што се одделението за хемиско оружје, не ширење на нуклеарно оружје, азил и миграција во ЕУ) и во неколку држави (Русија, Јапонија, Австрија), од кои многу беа со фокус на Русија и поранешниот Советски Сојуз. Бев вклучен во Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина во 2014 година. Пред да дојдам во Скопје, бев амбасадор во Казахстан. Возрасната граница за пензионирање во Холандија е променлива. Формулата по која се пресметува е очекуваниот животен век минус 19 години. Во моментов е 67 години. Јас имам 63, што значи сѐ уште не се пензионирам.
ММ: Накратко ќе ни ја опишете ли вашата земја, државата што ја претставувате? Либерална е поприлично. Ме интересира кои работи се законити (легални), а што е илегално (незаконито)? Ваша препорака, кои места се вредни за посета во Холандија, секако од машка перспектива, согласно порталната концепција? И, што ја прави богата? Неодамнешното истражување покажа дека е шеста по ред со БДП од 51.049 $ по жител, во Европа.
Д. Ј. К.: Проблемите со кои државите се соочуваат се многу слични, но Холанѓаните се можеби најпрагматичните луѓе на светот. Сакаме нашите проблеми да се наместо, каде што можеме да ги видиме и да се справиме со нив пред да отидат под земја. Ова се однесува и на прашањата како што се употребата на дроги и проституцијата. Начинот на кој се справуваме со овие прашања не се разликува многу од другите западноевропски држави, но кај нас тој начин е повидлив и по можност - полиберален.
Отворен, либерален, прагматичен и демократски однос е тоа што нѐ има направено просперитетни, долговечни и здрави. Ние сме меѓу најсреќните луѓе на светот. Одамна сме протестантска држава што го има описменето народот (Библија на мајчин јазик), а рано стекнатата независност ја направи Холандија светски финансиски и трговски центар уште во 17 век. Холанѓаните ги контролирале морињата и териториите низ светот. Го имаме дури заменето Менхетен за Суринам бидејќи вториот бил побогат со зачини. Комуникацијата со сите тие странци нѐ има направено релативно толерантни и ни ја има дадено предноста да ги познаваме културите и јазиците на другите луѓе. Трговијата е сѐ уште важна. Иако земјоделието претставува само 4% од нашата економија, по САД ние сме најголемиот извозник на храна во светот. На крајот, за да останете богати, треба постојано да сте на врвот на технолошкиот развој. Од првиот микроскоп пред повеќе од 400 години до поскорашното откривање на блутутот и безжичната мрежа, Холанѓаните секогаш биле предводници на иновациите.
Места вредни за посета во Холандија? Од културна точка можете да ги видите сликите на Рембрант, Мондријан и Ван Гог, секако во Холандија, но и насекаде низ светот. Она што не може да го видите на ниедно друго место се огромните брани за заштита од морето. Скоро 40% од мојата земја е под нивото на морето (за разлика од Северна Македонија која е втора по ред земја во Европа кога станува збор за планините). Доколку не би постоел овој систем за одбрана од морето, кога слетувате на Схипхол, аеродромот во Амстердам, водата би стигнала до прозорецот од авионот. Одете и видете ги браната Бариер во Ајселмиер, нашиот полдер (големи парчиња вештачки добиена обработлива земја), големата брана Оустерсхелде, подвижната брана на пристаништето во Ротердам (поголема од две Ајфелови кули) и така натаму. Старите канали на Амстердам, модерната архитектура на Ротердам (кој бил бомбардиран во Втората светска војна), најстариот планетариум на светот (1774 година во градот Франекер) - создадени за интересни посети. Кога станува збор за нетрадиционалните локации, ги имаме Музејот на дрогата и Музејот на сексот, и двата во Амстердам. Имаме живописна сцена со ресторани, пабови, клубови и места за танцување насекаде. Ме прашувате за места вредни за посета од машка перспектива. Можеби е типично холандски тоа што сите овие нешта се привлечни и за мажите и за жените (и за сите помеѓу).
ММ: А, кога е туризмот во прашање, кои места во Македонија ги препорачувате за посета? Се чини дека Охрид е омилена, дестинација број еден за Холанѓаните. Има ли други? Каде шетате обично? Кои делови од нашата земја особено Ве импресионираат? Можеби планинските, руралните области?
Д. Ј. К.: Има простор за подобрување на туризмот во Северна Македонија, иако веќе постои доста добра инфраструктура на хотели и ресторани. Мислам дека тоа што ги привлекува Холанѓаните се секако нештата што ние ги немаме, како планините, но и недопрената природа. Холандија е само малку поголема од Северна Македонија, но во неа живеат близу 18 милиони луѓе. Се работи за прилично густа населеност. До прекрасниот Охрид, во кој нашиот познат писател А. ден Долард (хол. A. den Doolaard, з.м.) поминал голем дел од својот живот, има летови речиси секој ден.
Јас лично уживам во добрата храна и вино, кои ги имате. Уживам и во одличниот квалитет на вашата филхармониска сала и оркестар. Имам МГБ од 1964 година и со него многу сакам да ги истражувам планинските патеки низ целата држава.
Повеќе може да проичитате на Машки Магазин